Тасевски на средба во Делегацијата на ЕУ, за случувањата во М-НАВ известени меѓународните организации; Затворање на небото ако не бидат разрешени директорите

Претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање Александар Тасевски денеска беше повикан во Делегацијата на Европската унија во Скопје по последните случувања во М-НАВ.

Тасевски во изјава за медиумите дадена по средбата рече дека Делегацијата на ЕУ и амбасадите ревносно ги следат сите случувања и дека биле запознати со целата ситуација.

– Тие беа премногу запознати со целата ситуација, ги разбраа нашите барања за професионализам. Дефинтивно имавме разбирање од институции кои функционираат онака како што сакаме и ние да функционираме. Ни дадоа поддршка за сите дејствија што ни стојат на располагање. Жално е што ова одекна насекаде, рече Тасевски.

Посочи дека се известени сите синдикати од Европа со кои соработуваат и дека во знак на поддршка се организира посета на нивни претставници на земјава. Известена е Светската организација на контролори на летање и меѓународни организации.

– Ова веќе ги поминува гранциите од нашата држава бидејќи очигледно е дека ако останеме во рамки на нашата држава, не ја добиваме потребната поддршка во однос на она што треба да се направи за да бидеме професионална контрола на летање, рече Тасевски.

Ги повтори следните чекори на синдикатот и најави дека доколку не се испочитуваат, од 10 јануари ќе биде затворен воздушниот простор над државата.

Имено, Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) најави штрајк со затворање на воздушниот простор од 10 јануари доколку во меѓувреме тројцата извршни директори на М-НАВ не си поднесат оставки или Владата не ги разреши, како што беше најавено синоќа по нападот на контролори на летање во зградата на оваа институција по што таму е распоредено полициско обезбедување.

ССКЛ за штрајкот одлучуваше ноќеска, а како што информираше Тасевски изутринава, според последните информации од неговите колеги, активностите во М-НАВ се одвиваат како што треба, но очекуваат надлежните институции да си ја завршат својата работа.

-По координацијата и апелите, испратени се службени лица се додека не се воспостави нормален начин на обезбедување. Рано изутрина колегите потврдија дека активностите се одвиваат како што треба. Револтот, нервозата и стресот се големи и очекуваме државните институции да си ја завршат нивната работа, да проработи свеста кај директорите и да не ја комплицираат состојбата, изјави за МИА Тасевски.

Тој претходно во објава на Фејсбук упати благодарност до јавноста за изразената поддршка на активностите на ССКЛ за целиот изминат период, а особено, како што вели, за поддршката по случувањата кога лица влегоа во објектот на Контролата на летање и физички нападнале нивни колега контролор на летање за време на извршување на неговите работни задачи.

На вонредниот состанок на членството на ССКЛ најостро го осудиле нападот врз нивниот колега и го потврдиле ставот дека нападот врз него е напад и врз секој еден од нив.

На одржаниот состанок донесени се неколку одлуки и барања:

„- МВР веднаш да отпочне постапка за пронаоѓање на учесниците во целиот настан, како на лицата кои не се вработени во контрола на летање, а биле присутни во безбедносниот периметар на објектот и самиот објект на контрола на летање, но и на лицата вработени кај нас, а кои биле соучесници и го потпомогнале целиот настан кој финализираше со физички напад врз наш колега контролор на летање. Додека траеше нашиот состанок од страна на МВР беше издадено официјално соопштение дека се приведени четири лица врз кои се врши распит по што ќе следува соодветна пријава, но и дека се трага по уште четири лица.

– Поради очигледни безбедносни пропусти во службите кои се задолжени за обезбедување на објектот и лицата вработени во објектот на контролата на летање, како и соучесништво од страна на лица кои се вработени во македонската навигација кои го потпомогнале влезот на неовластените лица, побарано е од МВР со распоредување на службени лица да го обезбеди истиот, како и вработените, посебно што станува збор за стратешки државен објект, но и поради фактот дека контролорите на летање нема да продолжат да работат под оправдан страв дека во секој момент некој од надвор би можел да влезе и да ги загрози нивните животи, а со самото тоа и животите на патниците во авионите кои ги опслужуваме. Од страна на МВР веднаш се распоредени службени лица за заштита на безбедноста и на објектот, но и на вработените.

– Ги повикуваме тројцата извршни директори во М-НАВ А.Д. Скопје, веднаш да дадат оставки од нивните функции, пред се од морални причини, поради ескалација на состојбата до која се дојде во контролата на летање по нивна вина. Истите тие, покажаа дека не само што не се способни успешно да раководат со македонската навигација, туку и дека не се способни да ги заштитат своите вработени и самиот објект од упад на неовластени лица. И по изминати повеќе од 11 часа од нападот врз нашиот колега, ниту еден од нив не најде за потребно јавно да го осуди целиот настан, да излезе со официјален став околу тоа што се случи во една институција која треба да го претставува врвот на безбедносниот систем, не се одважија ниту да понудат своја помош на нашиот повреден колега но ниту да ја гарантираат понатамошната безбедност на вработените кои и покрај се мораа да останат на своите работните места и да продолжат да го контролираат воздушниот сообраќај.
Нека не чекаат да бидат разрешени како што е најавено на следната седница на Влада, бидејќи и до сега причинија доволно штета.

-Доколку директорите сепак не покажат доблест сами да си поднесат оставки од нивните функции, ја повикуваме Владата, на првата наредна седница закажана за 09.01.2024 година, да ги разреши сите директори и да отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес, како почеток на смирување на сите тензии но и овозможување на нормализација на сите процеси кои се неопходни за понатамошно нормално функционирање на македонската навигација“, се барањата на ССКЛ.

Доколку не бидат исполнети, ССКЛ најавува штрајк со затворање на воздушниот простор, започнувајќи од 10.01.2024 се до нивно исполнување.

-Доколку бидеме принудени на реализација на штрајкот на 10.01.2024 година, ги замолуваме сите наши сограѓани да имаат разбирање за нашите постапки и покрај проблемите со кои ќе се соочат при нивните патувања со авион од причина што нашите постапки се насочени во насока да на секој еден патник можеме да пружиме и да гарантираме безбеден лет. За настанот и нашите понатамошни активности, веќе ги известивме сите меѓународни воздухопловни институции како и синдикати и здруженија на контролори на летање од Европа и очекуваме претставници од истите да пристигнат наскоро како дополнителна помош и подршка, наведува Тасевски.

- Реклама -