Официјални лица на администрацијата на Бајден прават планови за американскиот одговор на потенцијалното ширење на конфликтот од Газа во другите делови на Блискиот Исток, пишува Политико, повикувајќи се на четворица упатени официјални лица кои побарале да останат анонимни.
Порталот наведува дека некои официјални лица во Вашингтон веруваат дека војната во Газа ескалирала многу подалеку од границите на Појасот, сценарио кое САД се обидуваат да го избегнат со месеци.
Според тројца упатени американски функционери, војската подготвува планови за возвраќање на јеменските милитанти Хути, поддржани од Иран, кои напаѓаат комерцијални бродови во Црвеното Море, пишува Политико и наведува дека тоа вклучува таргетирање цели во Јемен.
Во меѓувреме, разузнавачките претставници смислуваат начини да ги предвидат и одбијат можните напади врз САД од страна на силите поддржани од Иран во Ирак и Сирија, велат официјалните лица.
САД со месеци го повикуваа Техеран да влијае врз силите што ги поддржува за да ги намалат нападите, но властите велат дека не виделе знаци дека проиранските групи почнале да го намалуваат бројот на напади и изразуваат загриженост дека насилството само ќе се зголеми во наредните денови.
Тоа претставува ескалација што ќе го вовлече американскиот претседател Џо Бајден подлабоко во конфликтот на Блискиот Исток, додека кампањата за претседателските избори оваа година бара од него да се фокусира на домашните прашања, оценува Политико.
МИА