Гостите во туристичките објекти во Грција ќе плаќаат „такса за отпорност на климатската криза“, ќе достигнува и до 10 евра на ден

Таксата за престој во туристичките објекти, од 1 јануари, Грција ја замени со нова такса, за отпорност на климатската криза во висина од 50 центи до десет евра од ден, во зависност од видот на сместувањето и временскиот период од годината, јави дописничката на МИА од Атина.

Согласно министерската одлука што е објавена во Службен весник на Грција таксата ќе ја плаќаат гостите на крајот од нивниот престој и однесува на дневно користење по соба или стан, а ќе важи и за Ербиенби сместувањето.

Во текот на туристичката сезона, односно во периодот од март до октомври, таксата е 1,50 евра за хотелите со една и две ѕвезди, за собите за изнајмување и за сместувањето преку Ербиенби.

За хотелите со три ѕвезди таксата е три евра, за оние со четири ѕвезди се зголемува на седум евра, а за хотелите со пет ѕвезди и за вилите е десет евра.

Во периодот од ноември до февруари висината на таксата е пониска, почнува од половина евро за хотелите со една и две ѕвезди, за собите за изнајмување и за сместувањето преку Ербиенби, 1,50 за хотелите со три ѕвезди, три евра, за оние со четири ѕвезди и достигнува до четири евра за хотелите со пет ѕвезди и за вилите.

Досега во Грција се плаќаше такса за престој, воведена во 2016 година и беше меѓу 50 центи и четири евра во зависност од туристичкиот објект.

МИА

- Реклама -