Ампева повика Владата да ја повлече „катастрофалната“ препорака за работа на продавници, киосци и штандови за празниците

Претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева реагира на препораката на Владата до работодавачите, со којашто се овозможува продавници, киосци, штандови да работат за време на новогодишните и божиќни празници. Посочува дека со оваа препорака се кршат работничките права, а реакции до нив веќе има пристигнато во работниците од овој сектор.

-Со голема загриженост ја добивме веста дека владата на седница оддржана на 28.12.2023 година дава препорака до работодавачите односно за деновите 31 декември 2023 година и 1 јануари 2024 година, како и 7 јануари и 8 јануари 2024 година, да работат продавниците, штандовите и киосците коишто вршат трговија на мало. Сведоци сме дека прекувремената работа, работата на празник и во ден на неделен одмор, не се плаќа од мнозинството приватни фирми „Гласен Текстилец“ даде особен ангажман да има забрана за работа во недела на огромен дел од дејностите, сепак владата сега им дава препорака на работодавачите да го кршат законот кој тие го донесоа, базиран на наши долгогодишни барања, вели Ампева во пишаното соопштение.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Забележува дека оваа Влада која е социјалдемократска, треба да тежнее кон просперитет и да биде блиска до работниците.

-Оваа последна одлука е врв на нелогичност, на непочитување на работникот да биде за најголемите празници дома со семејството, да има право на одмор. Ова не ги одразува социјалдемократските вредности, напротив, како и многу пати до сега, да го бранат суровиот капитализам пред работничките права и работничкото достоинство, вели Ампева.

Таа ја повика Владата да ја променат оваа какошто вели несреќна препорака со која даваат ветер во грб на работодавачите, да ги кршат законите и работничките права.

– Ги повикуваме да ја повлечат оваа катастрофална одлука/препорака која е во интерес на работодавачите, но не и на работниците, порача Ампева.

- Реклама -