Од денеска полицијата располага со две возила опремени со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прекршоци на возила во движење, информираат од МВР.
Системот PolCam, нагласуваат, е незаменлив при документирање на сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволената, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.
Уредот овозможува видео запис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци.Интегрираните уреди се од полската компанија PolCam кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видео записи од сторените прекршоци.
Бележаните видео записи се складираат во хард диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции. Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.
Двете возила денеска во кругот на Министерството за внатрешни работи претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска му ги предаде на министеротза внатрешни работи Оливер Спасовски.
Како што информираат од МВР, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, РСБСП дел од своите средства ги наменува за модернизација на опремата на сообраќајната полиција. За време на средбата беше направена презентација на двете возила и опремата инсталирана во нив, при што министерот Спасовски потенцираше дека првпат во нашата држава полицијата располага со возила и опрема од ваков тип, кои, како што вели, исклучително ќе ја променат сликата на сообраќајот на патиштата, во насока на унапредување на безбедноста на сите чинители во сообраќајот.
Претседателката на РСБПС, Кожуваровска, истакна дека продолжува успешната соработка помеѓу РСБСП и МВР со заедничка цел унапредување на безбедноста во сообраќајот.
-Двајцата соговорници се согласија дека возилата имаат огромна предност во однос на стационарните уреди за евидентирање на прекршоци, односно ја посочија компонентата на мобилност како клучна за целосна покриеност од сообраќајната полиција во насока на превентивно и репресивно делување на терен во сообраќајот, а се со цел сериозно намалување на сообраќајни незгоди, особено со тешки последици, информираат од МВР.
МИА