Американската национална вселенска агенција НАСА успеа со ласер да испрати видео од 15 секунди, со ултра-висока резолуција, на растојание од повеќе од 30 милиони километри.
Видеоснимката со мачката Тејтерс беше поставена во сондата „Сајк“ (Psyche) пред лансирањето а испратено до Земјата на 11 декември. НАСА ова го направи како експеримент за проектот „Оптичка комуникација со длабоката Вселена“ (Deep Space Optical Communications). Видеото успешно стигна до нашата планета, преку телескопот „Хејл“ во Сан Диего, САД.
Проектот од кој е дел Psyche чини 1.2 милијарди долари, a почна во октомври оваа 2023 година. Станува збор за шестгодишна мисија, а леталото ќе мине 3.6 милијарди километри заради потенцијална „средба“ со редок астероид богат со метали, која може да објасни како се формирале јадрата на карпестите планети.
Снимката со мачката беше пренесена преку кодиран инфрацрвен ласер и помина растојание 80 пати поголемо од она меѓу Земјата и Месечината. На ласерот му беа потребни само 101 секунда да стигне до Земјата. Потоа беше преземен и испратен во лабораторијата на НАСА, заради навремена анализа.
Според НАСА, успешниот видеопренос е миг за историја.
Додека сондата „Сајк“ го продолжува своето патување кон астероидниот појас меѓу Марс и Јупитер, таа ќе испраќа сигнали до Земјата. Подобрената способност за комуникација од тн. длабоката Вселена би можела да игра клучна улога во идните вселенски истражувања, вклучувајќи ги и потенцијалните мисии на Марс.