Погледнете како луѓе а како AI робот решава „Лавиринт“ со џамлија по 6 часа тренинг (ВИДЕО)

Истражувачи од технолошкиот институт во Цирих развиле робот со вештачка интелигенција кој ја решава познатата игра со џамлија „Лавиринт“ (во која ја навалувате таблата за да ја стркалате џамлијата до целта) побрзо од било кој човек. CyberRunner, како што истражувачите Томас Би и Рафаело Д’Андреа го нарекле роботот, е базиран на тн. „model-based reinforcement“ учење и мотори кои му служат како раце за да ја игра играта како што тоа го прават луѓето, со физичка спретност, координација и прецизност.

CyberRunner учи од искуство. Камера ја опсервира таблата и алгоритам учи сè повеќе со секој нов обид.

„Врз основа на неговото учење и разбирање на играта препознава кои стратегии и движења се поветувачки за остварување на целта“, велат истражувачите.

На CyberRunner и на неколку луѓе тие им дале по околу 6 часа да ја учат и вежбаат играта пред да преминат кон финалниот обид. И сега доаѓа фасцинантниот/застрашувачкиот момент: како што се гледа од видеото, луѓето и по 6 часа мака мачат да ја движат џамлијата околу дупките и бариерите на пат кон целта. А CyberRunner? CyberRunner  ја решава за 14.5 секунди! Тоа не само што е побрзо од секое претходно снимено време на комплетирање, туку роботот толку е усовршен што, како што ќе видите и во видеото, научил да користи неочекувани кратенки и да ја движи џамлијата милиметарски точно околу препреките, прескокнувајќи цели секции од сложувалката/лавиринтот. Истражувачите морале да интервенираат и да му зададат дополнителни инструкции за да ја следи точната патека на сложувалката.

Секако, ова не е првпат (а ни последен) робот/вештачка интелигенција да победи човек. Го имаме тоа во шах, во играта Го, па и во видео играта Dota 2. Но ова е меѓу ретките примери кога вештачка интелигенција има подобри перформанси и во активност што има компонента на физичка вештина.

CyberRunner, инаку, е open source (бесплатен и достапен за сите) проект. „Сакаме магијата на вештачката интелигенција – ВИ, да ја направиме достапна за секого“, велат истражувачите.

- Реклама -