На 19 декември, 2023 во хотелот Мериот во Скопје се одржа 19-то издание на меѓународната конференција е-Општество.мк со наслов „Вештачка интелигенција и човекови права: Потрага по вистинскиот баланс помеѓу иновација и одговорност” во организација на Фондацијата Метаморфозис.
Извршниот директор на Метаморфозис, Бардил Јашари посочи дека фондацијата почнува процес за формирање на Коалиција за одговорна вештачка интелигенција (ВИ), која треба да собере чинители од повеќе сектори.
Како што појасни тој, коалицијата треба да опфати не само невладини организации, туку и експерти од академската сфера, експерти од бизнис секторот и од други засегнати страни.
„Знаеме дека ВИ е комплексна работа, а она што е важно е дека ВИ не е само кодирање или алгоритми, туку е најмногу предизвик за нас во невладиниот сектор да се ангажираме за да се осигураме дека ВИ ќе се користи на одговорен начин, да ја вклучи сета наша креативност, да поттикне иновации…“, порача Јашари.
Јашари посебно се осврна на проблемот на технофобијата, посочувајќи ја како феномен што треба да се сузбива, а за да се постигне тоа потребни се знаење и одговорни чекори за навреме да се постават границите.
При осмислувањето на рамките и на мерките за што е можно подобра употреба на ВИ, треба да се внимава и на транспарентноста, како и на злоупотребата на ВИ за ширење дезинформации, нагласи тој.
„И сето ова бара многу работа не само од проверувачите на факти, туку и од другите чинители што на кој било начин имаат нешто заедничко со регулирање на ВИ, а посебно за регулирање на изборниот процес и како тоа ја обликува нашата иднина во следните три, четири години“, порача извршниот директор на Фондација Метаморфозис.
Конференцијата е-Општество.мк обедини околу 200 експерти, практичари, претставници на институции, медиуми и граѓанскиот сектор, овозможувајќи им простор за размена на мислења. Настанот го отвори шефот на кабинетот на министерот за информатичко општество и администрација, Дритан Даути, со свое воведно обраќање на тема „Дигитална ера за граѓаните”.
На првата панел дискусија на тема “Етика во дизајн: Градење на инклузивни и неинвазивни технолошки решенија”, говорниците Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој, Зорица Велковска, ко-основачка на Центар за социјални иновации Блинк 42-21, Крис Шришак, постар соработник во Ирскиот совет за граѓански слободи (Германија) и Тамара Димитрова, истражувачка и основачка на Едукативен центар Скампер, заклучија дека вештачката интелигенција е неизбежна, корисна, но доколку не се почитуваат законите и прописите може да биде многу опасна.
Статистиката покажува дека во светот има повеќе уреди поврзани на интернет отколку луѓе, и дека благодарение на технолошкиот развој, над 65 отсто од децата кога ќе пораснат ќе работат на работни места кои денес не постојат што ја покажува потребата да се подготват децата во областа на технологијата.
Дискусијата беше проследена со краток инспиративен говор за Одговорно користење на вештачка интелигенција, каде што Камил Сливовски, дизајнер на активности и содржини за учење во ИНКО (Полска) истакна дека возбудувачки е на колку сè нови начини ќе се користи и веќе се користи вештачката интелигенција во нашите животи, но мора да сме претпазливи со новоотворената „Пандорина кутија“. Тој потенцираше дека доколку се користи правилно, вештачката интелигенција може да ни ја зголеми продуктивноста без многу голем труд за стекнување со нови вештини.
Последната панел дискусија се однесуваше на Дезинформации на стероиди: Закана за интегритетот на изборниот процес. Говорниците на оваа сесија беа Јан Цингел, основач и претседател на “Strategic analysis” (Словачка), Бојана Костиќ, истражувачка и застапничка за дигитални права (Холандија) и Фитим Гаши, координатор на проекти за дезинформации, Сбункер (Косово). Модератор беше Филип Стојановски, директор за развој од Фондацијата Метаморфозис.
Стојановски го претстави проектот Western Balkans Anti-Disinformation Hub, кој опфаќа шест организации од Западен Балкан кои со заеднички напори се обидуваат да го сузбијат штетното влијание на дезинформациите. Некои од најизразените примери на дезинформации, Стојановски ги претстави преку дебанкинг-текстови од проверувачите на факти од шесте организации.
Словачкото искуство со штетни влијанија врз изборите го презентираше Јан Цингел.
„Покрај присуството на проруските наративи кои се шират главно преку социјалните медиуми, имавме и два примери на злоупотреба на вештачката интелигенција, односно креирање дипфејкови, кои, иако беа со слаб квалитет и беше очигледно дека се производ на вештачка интелигенција, сепак заведоа многу луѓе да поверуваат дека се вистина, односно повлијаеја на голем број гласачи“, појасни Цингел.
За проблемот за влијанието на дезинформациите во политичката ситуација на Косово, но и за некои „поскандалозни“ дезинформации во албанскиот јазичен простор говореше Фитим Гаши од „Сбункер“, а експертката Бојана Костиќ се осврна на досега преземените мерки во ЕУ за заштита на дигиталните права и борбата против дезинформациите, како и за мерките што треба да се преземат за да се спречат злоупотребите на вештачката интелигенција.
Фотографии: Ванчо Џамбески