Врховниот суд го одби барањето на Груевски за преиспитување на пресудата за „Плацеви на Водно“

Врховниот суд го одби како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје за предметот „Плацеви на Водно“, поднесено од осудениот поранешен премиер Никола Груевски.

– Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија денеска на седницата одржана на ден 20.12.2023 година одлучуваше по поднесено Барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2-бр.16/23 познат во јавноста како „Плацеви на Водно“.

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.127/22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано, се наведува во соопштението од Врховен суд.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација годинава ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор.

Никола Груевски во 2018 година, по објавувањето на затворската казна за случајот „Тенк“, побегна во Унгарија каде што доби азил. Македонските власти по него имаат распишано меѓународна потерница.

- Реклама -