Веќе се направени бројни студии за влијанието на вештачката интелигенција на пазарот на трудот и постојано слушаме различни мислења, а со оглед на тоа колку брзо се менува овој пазар, прогнозите одат и до многу мрачни. Она на што повеќето експерти се согласни се дека први на удар ќе бидат работниците што извршуваат репетитивни работни задачи, како внес на податоци, кол-центри, работни места во човечки ресурси, сметководство и слично.
Професорот од Стенфорд, Николас Блум, конкретно ја проучува работата од дома и, според него, на удар на вештачката интелигенција први ќе бидат токму оние што целосно работат од дома. За Business Insider тој оценува дека токму оние што работат од далечина и воопшто не мораат да се појавуваат во канцеларија се оние кои најверојатно ќе бидат најлесно заменети од вештачката интелигенција.
Оние кои работат хибридно/комбинирано и оние кои работат целосно во канцеларија можат да бидат порелаксирани во врска со влијанието што вештачката интелигенција ќе го има на пазарот на труд, иако е јасно дека нема гаранција дека вештачката интелигенција нема да може да ја заврши нивната работа подобро од нив.
Според Блум, работните места каде вештачката интелигенција сигурно нема да ги замени луѓето, барем не наскоро, се оние кои бараат одредена интеракција со луѓе. Ако вашето работно место бара одржување состаноци со вработените, управување или менторство на вработените, дури и ако тоа е само еднаш месечно, постојат големи шанси вештачката интелигенција сепак да не ви ја преземе работата, смета тој.
Блум истакнува дека во САД и северноевропските земји 60 отсто од вработените немаат можност за работа од далечина, а 30 отсто од нив можат да работат хибридно. Останатите десет проценти имаат можност за целосно далечинско работење. За оние „хибридните“, вештачката интелигенција не претставува непосредна опасност оценува Блум, кој во своите проценски се повикува на некои истражувања кои покажуваат дека вештачката интелигенција нема да создаде повеќе работни места, туку ќе ги замени.
Набрзо откако беше претставен ChatGPT, имаше предвидувања дека вештачката интелигенција ќе влијае на дури 300 милиони работни места на глобално ниво. Со текот на времето овие очекувања како да се намалија, па според истражување од септември годинава, Американците може да очекуваат дека вештачката интелигенција до 2030 година во САД ќе замени 2.4 милиони работни места, а ќе влијае на уште 11 милиони.