Мета почна да испорачува пакет нови алатки за Instagram, вклучувајќи ги корисниците во борбата против спам содржината и ботовите на платформата, давајќи им поголема контрола врз тоа колку ваква содржина гледаат на нивните налози, како и моќ таквите да ги избришат со речиси еден потег.
Новите алатки постепено ќе стануваат достапни за корисниците во текот на следните недели.
Како што велат од компанијата, Инстаграм го разви и го подобри својот систем за автоматско откривање, кој проверува дали има спам во коментарите, означувањата, прегледите на Story и меѓу следбениците. Системот за модерација ќе ги означи лажните следбеници и спам содржината и ќе им даде можност на корисниците да ја избришат таквата содржина топтан, за да заштедат време.
Секој налог сомнителен дека е спам или зад него се крие бот, ќе се филтрира во посебно сандаче за преглед, а доколку се утврди дека налогот е легитимен, корисникот може да го одобри барањето и истиот ќе биде додаден на списокот со следбеници. Ако корисникот не потврди, сите налози ќе бидат автоматски отстранети по 30 дена.
Истовремено, Инстаграм ќе ги известува корисниците и за содржината што тие ја објавуваат и дали таа ги прекршува упатствата за условите за користење.
Во однос на Stories, Инстаграм вели дека сè уште експериментира со криење прегледи од сметките за кои платформата смета дека се спам.