Кузеска: Денеска можевме да славиме, граѓаните на избори ќе ги казнат ВМРО-ДПМНЕ за блокадата на европскиот пат

„Денеска сите ние можевме да славиме, Македонија да се радува на отворање на поглавјата и продолжување на европскиот пат“, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Виновникот зошто тоа не се случи има име и презиме – Христијан Мицкоски и ДПМНЕ! Блокадите на антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица се единствената причина и покрај тоа што имаме успешно завршен скрининг процес, и покрај тоа што имаме силна и недвосмислена поддршка и отворени врати на ЕУ“, велат од СДСМ.

„Заклучоците на европскиот совет се кристално јасни – имаме успешен скрининг и без одлагање ќе биде свикана втората меѓувладината конференција за отворање на поглавјата по изгласување на Уставните измени“, истакна Кузеска.

Прочитајте и:  СДСМ: Поразително е тоа што власта на ВМРО-ДПМНЕ не прави ништо додека граѓаните дишат загаден воздух

Според неа, ни се повторила 2008 година кога, како што рече, „истата политичка партија, ДПМНЕ, којашто тогаш го заглави членството во НАТО, се обиде да го блокира напредокот кон ЕУ“.

„Деструктивните активни блокади на ДПМНЕ во македонското Собрание е на штета на сите граѓани. Затоа на изборите антиевропската коалиција на ДПМНЕ и Левица ќе биде казнета“, рече Кузеска.

Таа додаде дека моменталната „блокада“ од ВМРО-ДПМНЕ е привремена.

„Со победа на европскиот фронт предводен од СДСМ на двојните избори европскиот пат продолжува до полноправно членство во ЕУ, затоа што граѓаните заслужуваат и подобро и повеќе, заслужуваат европска иднина!“, рече Кузеска.

- Реклама -