Маричиќ: Нема држава што се откажала од евроинтеграции поради потенцијални можни идни замислени блокади

Би очекувал и би биле среќни, по најавите дека ќе има јасен политички повик до сите политички партии во Собранието да дадат поддршка на уставните измени и да не ја блокираат сопствената држава. Ние скринингот го завршивме и навистина се надеваме и работиме на тоа да се дојде до 80 пратеници, меѓутоа нема да правиме притисок врз пратениците, ние објаснуваме и ќе продолжиме тоа да го правиме бидејќи обврската останува и за овој парламентарен состав и за наредниот.

Ова го нагласи вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вечерва во дневникот на Сител телевизија, откако претходно во заклучоците усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата, беше наведено дека земјава ќе го продолжи преговарачкиот процес со Европската Унија откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, што е предвидено со Преговарачката рамка и со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.

– Нашата стуација очекувам да биде формулирана на начин што ќе се пофали скринингот, ќе се укаже и ќе се направи генеза како сме ги почнале преговорите минатата година и во која фаза сме сега дојдени и ќе се изрази повторната подготвеност, како што е запишано во заклучоците од минатата година и преговарачката рамка дека во моментот кога ќе бидат извршени уставните измени веднаш без нова политичка одлука и без дополнителни одлагања ќе се свика втората  меѓувладината конференција за да се отвори првиот кластер, рече Маричиќ.

Додаде дека околу 1000 луѓе во сите делегации околу 100 работни дена направиле 850 презентации и одговориле на стотици прашања, и сето тоа, како што нагласи, доаѓа од повеќе од 200 институции. Според него, тоа бил масовен длабински процес, што ни кажал каде сме и колку и што ни треба за да бидеме членки на ЕУ и да ги достигниме европските стандарди.

– Многу е важно политиката на блокада на сопствената држава да биде поразена на изборите доколку не биде поразена во Парламентот до изборите.  Политиката на блокирање на сопствената држава, според мои очекувања, ќе биде поразена на изборите од овој европски фронт и од оваа коалиција и потоа веќе без никакви аргументи ќе останат оние кои си ја блокираат веќе сопствената држава година и половина, изјави вицепремиерот Маричиќ..

Според него, Албанија можеби нема на овој Совет да добие согласност од сите држави членки за свикување нова меѓувладина конференција, но прашање на време е, ако не се случи сега, дека ќе се случи за неколку месеци.

– За жал математиката е нарушена со политичка одлука на ВМРО – ДПМНЕ. Нашата блокада на европскиот пат има име и презиме, тоа е ВМРО – ДПМНЕ и тие не можат да избегаат од таа одговорност. Да прашаме отворено, вреди ли да се блокира сопствената држава на патот кон ЕУ заради внесување на неколку заедници во преамбулата на Уставот, бидејќи за тоа се работи. Пукнаа како меур од сапуница оние тврдења дека ќе го изгубиме јазикот, ќе го изгубиме идентитетот, дека нешто ќе ни се случи лошо, рече меѓу другото Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ меѓу другото праша, која е таа држава што се откажала од процесот на евроинтеграции заради потенцијални можни идни замислени блокади од некои држави.

– Затоа мислам дека тоа е страв од носење политичка одлука или е стратегија да не се внесува државата во ЕУ. Што и да е, е штетно за државата, истакна вицепремиерот.

Во однос на предлогот Талат Џафери да биде технички премиер во преодната влада, вицепремиерот Маричиќ рече дека премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, претседателот на ДУИ Али Ахмети и претседателот на АА Арбен Таравари, како лидери на трите најголеми партии во владината коалиција, се во постојана комуникација и консултација.

– Сигурен сум дека разговарале и за ова прашање и за повеќе други пшрашања. Не можам да тврдам бидејќи има состаноци каде учествуаат само тие тројца, рече Маричиќ.

Тој дава целосна поддршка за Талат Џафери бидејќи, како што рече, има и знаење и искуство и политичко и животно за успешно да ја води техничката влада во тој период кога е предвидено и затоа, подвлече, ќе ја добие нашата поддршка без дилема. 

- Реклама -