Компанијата Мета, која ги поседува платформите Фејсбук, Инстаграм и WhatsApp, намерно ги дизајнирала овие платформи и ги ажурирала на начин што малолетните корисници ќе станат зависни од содржината што ја наоѓаат на нив, како и за да спречат бришење на нивните сметки, се вели во тужбата заеднички поднесена од обвинители на 33 американски држави.
Во тужбата се тврди дека Meta знаела но молчела во јавноста за тоа дека добила милиони поплаки дека деца под 13 години имаат сметки на овие мрежи, а оневозможила користење на само дел од нив, пренесува Гардијан. Големиот број на малолетни корисници било „јавна тајна“ во рамките на компанијата, се наведува во тужбата.
Во еден од наведените примери, тужбата цитира ланец од интерна дискусија преку и-мејл пораки во која вработените разговараат зошто четири налози на 12-годишно девојче не биле избришани и покрај жалбата на мајката на девојчето, во која таа изјавила дека нејзината ќерка има 12 години и бара нејзините сметки да се отстранат. Вработените на крајот заклучиле дека на тие налози не им било посветено внимание бидејќи не можело „со сигурност да се утврди дека корисниците се малолетни“.
Во тужбата се наведува и дека Meta во секој еден момент има околу два и пол милиони пријави за налози на малолетници. Покрај тоа, се тврди дека Meta свесно создава производи и содржини кои предизвикуваат зависност и се штетни за децата, како и дека платформите како Инстаграм дури доведуваат и до анорексија.
„Гардијан“ потсетува дека за ова претходно зборувал и свиркачот Френсис Хоген, воедно и за тоа дека Meta намерно таргетира луѓе помлади од 18 години со содржина што создава зависност. Посочен е еден од интерните и-мејлови од 2019 година, во кој неименуван директор на Facebook напишал дека „откажување од тинејџерите би значело нанесување штета на бизнисот на компанијата“.
Meta, од своја страна, тврди дека тужбата погрешно ја претставува нејзината работа, при што нагласува дека компанијата обезбедува „повеќе од 30 алатки за помош на тинејџерите и нивните родители“. Нагласува, меѓутоа, и дека проверката на возраста на корисниците е „комплексен предизвик“ во оваа индустрија.