Во ЕУ се влегува само со генетски модифицирана национална свест, тврди Захарова

Доколку стане членка на Европската унија, Србија ќе мора да се бори за својот национален идентитет, бидејќи во ЕУ примаат исклучиво врз основа на генетски модифицирана национална свест, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, јави дописникот на МИА од Белград.

Таа реагираше по повод интервјуто на српскиот вицепремиер, министер за одбрана и лидер на СНС – Милош Вучевиќ, за весникот „Политика“, во кое тој меѓу другото изјави дека Србија „мора да стане полноправна членка на Европската унија, бидејќи тоа ќе донесе придобивки за нејзините граѓани“, но дека нема намера да воведува санкции кон Русија, како и дека ќе одржува „партнерски односи со Кина, како и со арапскиот свет, Индија, Африка и двете Америки“.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

„Одличен говор. Единствениот проблем е што во ЕУ се примаат исклучиво врз основа на генетски модифицирана национална свест“, напиша Захарова на Телеграм.

Како пример таа ги наведе Полска и Унгарија, кои како полноправни членки на Европската унија, како што кажа, „буквално се принудени да се борат за зачувување на својот национален идентитет“.

„Арбитражи, судови, дури и внатрешни санкции, а при тоа се членки на НАТО и постојано гласаат за незаконски антируски санкции. И не треба да ја изгубиме од вид западната расипаност: тие ветуваат многу, а кога ќе го добијат тоа што го сакаат, ништо не исполнуваат“, рече Захарова.

- Реклама -