11 филмови спасени од историските искривувања (2. дел)

300 Некои од историските спектакли и не се така историски точни како што се мисли. Се прават прилично големи отстапувања во приказните, за сценариото да добие на драматика, а студијата да го зголемат профитот…

5. „300“

Филмот: Стрипот на Френк Милер експлодира на големиот екран во форма на неверојатно тонирани стомачни мускули, голи пророци и тролови со штипки од рак место раце, кои веројатно имале големи проблеми при користењето на тоалетот. 

„300“

  

Неточностите: Ако ги оставиме на страна нештата како користење магични проектили, немањето оклоп, појавувањето на Квазимодо и негативецот кој изгледа како двометарска верзија на Далшим од „Стрит Фајтер 2“ со говорна маана, „300“ се чини дека глорифицира сегменти од спартанскиот начин на живот како што се: борбата за демократија, лојалноста кон татковината итн.; истовремено занемарувајќи други аспекти: фактот што Спарта било фашистичко општество водено од религиозни фанатици и тоа што сите почитувани граѓани биле воини-робовладетели кои редовно уживале во педерастија (секс со млади момчиња)!

Зошто поинаков крај би бил неуспешен: Прашајте го Оливер Стоун и сите останати кои загубија пари на „Александар“.

4. „Апокалипто“

Филмот: Мел Гибсон овој пат мудро си се поставил зад камерата, наместо пред неа. Но, не така мудро одлучува дека ќе биде добро за неговиот имиџ на речиси луд расист, доколку се обиде да портретира цела една цивилизација во само два часа. 

„Апокалипто“

 

Неточностите: Иако Маите одвреме-навреме знаеле да направат ритуална човечка жртва, тие биле далеку покомплексна и поцивилизирана раса отколку што тоа е прикажано во филмот. Мајанскиот бог на сонцето – Кукулкан, кому му се принесуваат жртвите во филмот, никогаш не побарал и никогаш не му биле принесени такви жртви, така што тој свештеник кој му понудил човечко срце, веројатно само го извадил од памет кутриот бог.

Зошто поинаков крај би бил неуспешен: Доколку некој ќе бега половина филм, а другата половина ќе тепа луѓе, тогаш мотивот треба да е стравот дека некој ќе му го извади срцето со лажица, а не фактот што советот на старци ќе одржи собрание на кое ќе го осудат на куќен притвор и условна казна.

3. „Вљубениот Шекспир“

Филмот: Бардот на Авон се сретнува со својата муза и започнува да ги имитира сопствените драми, во она што се испоставува како романтична комедија за луѓе кои го сакаат театарот. 

„Вљубениот Шекспир“

Неточностите: Во суштина сè, со оглед на тоа што Шекспир е една од најмистериозните фигури во англиската историја. Историчарите сè уште се расправаат дали тој бил хомосексуалец, дали бил псевдоним на Ерлот од Оксфорд и/или Сер Францис Бејкон или пак киборг од иднината, пратен назад низ времето за да ја воспостави западната цивилизација.

Зошто поинаков крај би бил неуспешен: Не постои ништо помалку возбудливо во филм отколку приказна за некој кој можеби е, а можеби не е хомосексуалец, кој пишува едно чудо драми кои можеби се, а можеби не се негово дело, а сепак му се припишани по неговата сосема вообичаена смрт.

2. „Клекнат тигар, скриен змеј“

Филмот: Класична епска приказна за династијата Кинг, во која се портретираат животите на оние кои се допрени од легендарниот меч познат како „Зелената судбина“ и нивната способност да зборуваат на фантастичен вселенски јазик. 

„Клекнат тигар, скриен змеј“

 
Неточностите: Веројатно ќе се шокирате кога ќе дознаете дека Кинезите не можат да летаат, иако токму тоа ви го кажува секој филм со боречки вештини кој некогаш сте го гледале. Нивното Чи, иако силно, сè уште не им овозможило да ги користат магичните моќи кои очајно ги посакуваат.

Зошто поинаков крај би бил неуспешен: Овој филм има ужасно бавна експозиција, бавен дијалог, медитативни рефлексии за минливоста на животот и сето тоа низ субтитли. Ако некој не полеташе одвреме-навреме, веројатно публиката ќе заспиеше по 15 минути.

1. „2001: Вселенска Одисеја“

Филмот: Злобен компјутер базиран на компанијата IBM се обидува да го спречи човештвото во намерата да стигне до Јупитер, но успева само да зазвучи како мало девојче кое се обидува да пее.

„2001: Вселенска Одисеја“


Неточностите: Ако случајно не сте забележале, визијата на Артур Кларк за милениумската зора во која ние сме господари на нашиот соларен систем беше малку преоптимистичка. И иако е можно да се плашиме од ужасна смрт предизвикана од компјутерскиот господар, поголеми се шансите тоа да се случи поради Google или некој морничав робот-бебе од Јапонија, отколку поради нешто што IBM би можеле да го конструираат.

Зошто поинаков крај би бил неуспешен: Филм во кој веродостојно би се претставиле настаните од 2001 година би требало да биде за римејкот на „Планетата на мајмуните“, победата на Баерн Минхен во Лигата на Шампионите и распадот на Спајс Грлс. Секако, и за најнапредното парче технологија – вселенската станица Мир како паѓа на Земјата во форма на огнена топка и се урива во морето…

[11 филмови спасени од историските искривувања (1. дел)]

[11 Movies Saved by Historical Inaccuracy]

- Реклама -