САД би се спротивставиле на каков било предлог за создавање тампон зона во Појасот Газа, бидејќи тоа би било спротивно на ставот на Вашингтон дека големината на палестинската енклава не треба да се намалува по актуелниот конфликт, изјави портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.
На дневната прес-конференција Милер рече дека меѓу главните принципи на Вашингтон за иднината на Газа е противењето на какво било намалување на територијата на густо населената енклава.
„Значи, ако некоја предложена тампон зона треба да биде во Газа, тоа би било кршење на тој принцип и нешто на што се спротивставуваме. Ќе мора да има преоден период по завршувањето на големите борбени операции за да се избегне ‘безбедносен вакуум’, но тој ќе треба да биде привремен“, рече Милер, но не ги опиша параметрите за таков период.
Конфликтот избувна на 7 октомври кога милитантите на Хамас преминаа во јужен Израел и убија 1.200 луѓе, главно цивили, во дивеење низ кибуците и другите заедници. Повеќе од 200 заложници беа однесени во Газа.