Градоначалникот на Карбинци за обидот за грабнување кој МВР го демантира: „Јавноста во Македонија мора да ја знае вистината!“

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, по вчерашниот демант на МВР дека имало обид за грабнување на дете во ООУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци, денеска се огласи на Фејсбук за (повторно) да информира за настанот, кој, како што вели, треба да биде аларм за МВР, наместо министерството експресно да го демантира.

„Јавноста во Македонија мора да ја знае вистината!“, започнува Паунов.

„Во текот на вчерашниот ден во ООУ ‘Страшо Пинџур’ Карбинци се случи немил настан кога непознато лице со возило марка Голф со скопски регистарски таблички се обиде да намами и заведе во своето возило 2 ученици од 9-то и 6-то одделение. Од исказите на учениците и сведоците, но и од доказот што едниот ученик земал пари од непознатото лице (кои подоцна ги предал на полицијата) и од надзорните камери, се утврдува дека имало таков обид“, пишува градоначалникот на Карбинци.

„Кои биле мотивите?

Дали е нормално кога возрасен маж со возило за време на настава бара да оди на ‘кафе’ со малолетно девојче од 13 години и притоа девојчето видно вознемирено го пријавува случајот во училиштето, а училиштето до МВР, да се земе како случај кој не бил обид за такво нешто?“, прашува Паунов, додавајќи дека наместо брзата реакција на училиштето да биде аларм за МВР, се случило спротивното, МВР да демантира дека воопшто имало ваков обид.

„Ниту една закана од страна на министерот Спасовски, ниту една закана од страна на доушниците кои ги испраќате нема да нè исплашите да реагираме на вакви непосакувани ситуации. Моја грижа се жителите на мојата општина Карбинци, децата во училиштата, градинката и секој граѓанин во оваа општина! Политиката да ја тргнете надвор од реалната ситуација, а безбедноста да ја подобрите во интерес на сите граѓани

Кога имате пријава од страна на директор на училиште и градоначалник на општина со индиции за ваков случај, ова треба да биде сфатено и постапено со нај сериозен пристап.

Со вакви изјави на министер, нервоза и потење пред камерите, граѓаните не се чувствуваат безбедни во Карбинци!“, порача Паунов.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски синоќа на прес-конференцијата на МВР за апсењето на Палевски порача да не се користат вакви настани во политички цели.

Од СВР Штип, пак, велат дека остануваат на вчерашното соопштение, а се работи на расчистување на случајот.

Извор/Фото: ФБ на Пауновски/МИА

- Реклама -