Пендаровски не размислува за нов мандат бидејќи сè уште има време и е фокусиран на сегашниот, појаснуваат од кабинетот

Изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски била погрешно разбрана и тој не рекол дека нема да се кандидира за реизбор, туку дека во моментов е фокусиран на сегашниот мандат, а за реизбор допрва ќе размислува. Ова го сугерира појаснувањето од кабинетот на шефот на државата.

Забуната настана откако Пендаровски, на денешниот настан Отворен форум за антикорупција, прашан дали размислува за втор мандат, само кратко одговори со „Не“, без да образложи со повеќе детали, што дел од медиумите го интерпретираа како конечна одлука дека нема да се кандидира.

„Претседателот не размислува за втор мандат зашто е фокусиран на работата за која го плаќаат граѓаните. Рано е да се каже дали претседателот ќе оди на втор мандат. Сè зависи од поддршката на граѓаните и на партиите“, велат од Кабинетот Пендаровски, пренесува „Слободен печат“.

Медиумот, повикувајќи се на информации од СДСМ, додава дека и за претстојните претседателски избори Пендаровски е сериозно во игра и оттаму, високи функционери во партијата биле затечени од неговиот одговор кога „Слободен печат“ ги контактирал за коментар. Тоа, пак, наведува на заклучок дека Пендаровски не разговарал со СДСМ за нивна поддршка за втор мандат за шеф на државата, оценува медиумот.

Извор

- Реклама -