Палевски уапсен во Баликесир, Турција, симулирал дека ќе оди во Истанбул

Љупчо Палевски, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, преку Србија и Бугарија заминал во Турција каде е уапсен врз основа на меѓународната потерница преку Интерпол.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва на вонредна прес-конференција ја опиша траекторијата на движење на Палевски.

Како што кажа Спасовски, Палевски со својот адвокат со возило заминал за Србија каде е оставен во хотел. Следниот ден го преземадруго лице од Скопје со џип „ренџ ровер“ и преку граничниот премин Градина влегува во Бугарија. Има транспорт низ територијата на Бугарија и влегува во Турција каде оди во Баликесир.

– Нашите служби од Центарот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно со властите и полицијата и еден нивни оперативен извор кој за кратко време ни врати повратна информација дека лицето се наоѓа во Баликесир и ни кажа за неговите намери дека оттука сака да замине за Истанбул. Се подготвува со такси возач да оди во Истанбул и тука има негово симулирање дека ќе оди и повторно се враќа назад во Баликесир. Денеска попладнево е уапсен од страна на турската полиција додека се движи пешки по еден од автопатите во Баликесир, посочи Спасовски.

Прочитајте и:  Сослушан возачот што го превезе Палчо до Турција, Кешишов го сменил првичниот исказ

Засега нема потврдени сознанија за крајната дестинација на која сакал да оди Палевски.

– Кога ќе дојде тука, ќе се разговара за се. Кога ќе заврши целиот процес на истрагата, ќе ги добиете информациите, рече Спасовски.

- Реклама -