Се огласија од партијата на Палевски: „Ако се потврди вината, бараме најстрога казна за претседателот на партијата и нашите членови“

Профилна фотографија на Фејсбук страната на партијата

Политичката партија „Десна“, чиј претседател е Љупчо Палевски, кој се товари дека е извршител и организатор на двете убиства – на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски, денеска се огласија на социјалните мрежи по повод настаните што ја згрозија и потресоа македонската јавноста. Тие изразуваат „најдлабоко сочуство“ до семејствата на двете жртви и бараат, доколку се потврди вината, Палевски и нивните членови кои (со)учествувале во грозоморните убиства, да бидат најстрого казнети. Но, притоа, од Десна апелираат и да се почитува правото на презумпција на невиност.

„Во овој тежок момент и период, кога во Македонија за 7 дена се случија две убиства, во Велес и Скопје, се соочивме информации кои донесоа шок и неверување за нас.

Пред сè, изразуваме најдлабоко и најискрено за загубата на два човечки живота, младата Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. На семејствата на жртвите им изразуваме најдлабоко сочувство за загубата на нивните најблиски.

Прочитајте и:  Почна судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски

Политичката Партија Десна, за своите членови и претседателот на партијата, доколку се докаже дека се виновни, бара да бидат најстрого казнети. Во меѓувреме апелираме да се почитува уставно загарантираната Презумција на невиност на осомничените и обвинетите, додека не се докаже спротивното.

Пред Обвинителството и органите на прогонот претстои тешка и деликатна задача во целост да ги разоткријат сите елементи на овие настани. Заради тоа, ние членовите на партијата, им стоиме на располагање на органите на прогонот, со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред Судот на сторителите на овие грозоморни случаи.

П П Десна, согласно Статутот на партијата, ќе ги замрзне членството, функциите и активностите на обвинетите до крајот на процесот.

Уште еднаш изразуваме искрено жалење и сочуство до семејствата на Вања и Панче“, се вели во соопштението.

- Реклама -