Ковачки: „Спасовски ја излажа јавноста, до убиство на Вања можеби немало да дојде ако не направел пропусти во истрагата“

„Оливер Спасовски вчера ја излажа македонската јавност, а МВР под негово раководство е испреплетено односно поврзано со криминогени структури“, обвини денеска пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

„Имено, Оливер Спасовски кажа дека не трагале по возилото на киднапираниот Панче затоа што не знаеле дека истото е исчезнато заедно со лицето, а на 2 дена пред кобното грабнување на Вања, на 25-ти ноември, веб-портал објавува наслов и текст дека е исчезнат Панче со се неговиот автомобил.

Значи повторувам, иако веќе во јавност објавено неколку дена претходно, според Спасовски – полицијата НЕ знаела дека автомобилот на Панче е исчезнат и затоа истиот никој не го ни барал“, истакна Ковачки на прес-конференцијата.

Доколку автомобилот бил предмет на потрага, тврди тој, истиот би бил идентификуван уште на самиот влез од системот „Сејф сити“ (ака. „Безбеден град“) и од патролите на МВР во Скопје, а ако бил идентификуван на влез во Скопје, ќе се спречело барем киднапирањето и убиството на малолетното девојче, смета Ковачки. Дури и да се случело киднапирањето, возејќи од Центар до излезот на Скопје, возилото повторно можело да биде идентификувано и да се спречи убиството, додава тој.

„Ова води до една констатација – занемарувањето на возилото е кардинална грешка и пропуст на МВР кои доведоа до фатални последици и кои чинеа – живот на дете“, заклучи Ковачки.

Според него, тоа не било единствената „лага“.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

„Дополнителна лага која беше кажана и која создаде сериозни сомнежи дека не се работи професионално, т.е. се работи на забошотување на случајот е следнава:

Според МВР и ЈО, сторителите го убиле девојчето бидејќи ги фатила паника откако се кренала јавноста. Но, потсетуваме, јавноста се крена на нозе после објавата на мајката на ФБ околу 12 часот, а девојчето според Спасовски е убиено 2 часа после киднапирањето, што значи пред објавата на ФБ и пред сензибилизирањето на јавноста“, рече Ковачки.

Ваквата лага, како што ја оквалификува, според него фрла сомнеж дека убиството на Вања не е извршено поради паника од разбудената јавност, туку дека е извршено поради, како што рече, „паника затоа што имале доушник во МВР кој им дојавил дека истите се предмет на интерес“.

„Сомнежот дека првоосомничениот и останатите помагатели имале доушници во Полицијата, односно некој постојано ги предупредувал, е дотолку појак затоа што и бегството на првоосомничениот од државата се случува после неколку дена од второто убиство. Значи, тој слободно се шетал затоа што знаел дека не бил загрозен од истрагата, за да откако навреме е предупреден, истиот избега преку граница“, констатираше Ковачки и уште еднаш побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Пропустите, непрофесионализмот и корумпираноста поради кои се губат човечки жртви мора да бидат следени со понесување на одговорност и оставка од МВР Спасовски“, рече тој.

- Реклама -