„Првиот човек на Движењето Беса и актуелен коалиционен партнер на ДПМНЕ во советот на Тетово, сецесионистот Билал Касами, честитајќи го Денот на знамето на Албанија, упати јасна иредентистичка порака, каде изјави дека Македонија ќе стане трета албанска држава!“, алармира политичката партија Левица и бара итна реакција од Јавното обвинителство.
„Оваа изјава претставува своевидна кулминација на долгата низа крајно националистички, етнотрибалистички и максимално сецесионистички ставови и дела на т.н. албански политички партии во Македонија по повод Денот на албанското знаме“, констатираат од Левица.
„Додека во Уставот е јасно наведено дека Македонија нема територијални претензии и дека го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави – иредентисти како Касами отворено го подриваат уставниот поредок и суверенитетот на Македонија.
Затоа, ваквата заканувачка изјава не смее да наиде на молк од страна на Јавното обвинителство кое го повикуваме да отвори предмет за сторени кривични дела: Повикување на насилна промена на уставниот поредок и Загрозување на територијалната целина“, се наведува во соопштението.
Од Левица ги повикаа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да ја осудат изјавата на Касами, но и да објаснат како тоа коалицираат и планираат иднина со „вакви сецесионисти“.
„Јавно ги повикуваме ‘патриотите’ од ДПМНЕ и ‘европјаните’ од СДС да ја осудат оваа изјава на Билал Касами и да објаснат на македонските граѓани – како со вакви сецесионистички албански политички партии, кои отворено ги искажуваат своите ставови за отцепување од Македонија и креирање на Голема Албанија, можат да коалицираат и да ‘планираат европска иднина’?!“, прашуваат од Левица.