Прв национален симпозиум на млади лекари на 10 и 11 ноември во „Мериот“

 

 

Првиот национален симпозиум на млади лекари во организација на Здружението на лекари специјализанти „ЗЛС Скопје“ ќе се одржи на 10 и 11 ноември во хотел „Мериот“ во Скопје и на дводневната програма свое предавање ќе одржат експерти од Македонија, како и предавачи од други држави.

Целта на овој симпозиум е да ги обедини младите лекари од сите гранки на  специјалности во правец на промоција на најновите препораки за лекување на заболувањата, како и да поттикне дискусија за идеи за поголема соработка помеѓу специјалностите и предизвиците со кои се соочуваат младите лекари при третман на пациентите.

„Се работи за еден мултидисциплинарен симпозиум и главна целна група на настанот се специјализантите и младите лекари. Поради големиот број медицински теми кои што ќе се обработуваат, предавањата се поделени во неколку сесии и ќе се одвиваат во две паралелни хали групирани според пристапот хируршки и нехируршки области, со акцент на интерна медицина, како и на споени сесии кои се од интерес на двете групи лекари. Предавањата ќе ги држат реномирани професори и асистенти, главно од Медицинскиот факултет во Скопје, меѓутоа оваа година, на наша среќа имаме и предавачи од странство, и тоа од Америка, Австрија, Босна и од Србија“, истакна Симона Сапунџија, специјализант на Клиниката за уво, нос и грло и член на Извршниот одбор во Здружението на лекари специјализанти.

Според претседателката на ЗЛС, Александра Георгиева, која е специјализант на Клиниката за кардиологија во Скопје, главната цел на Здружението со одржување на овој симпозиум е да се подобри и поттикне мултидисциплинарноста во дијагностицирањето, се со цел подобрување на здравствените услуги.

„Генерална тематика на симпозиумот избравме да бидат ургентните состојби во медицината, односно состојби каде што е потребен итен третман и одлука од страна на лекарите. Многу често, ние како млади лекари сме соочени со итни медицински состојби и целта е сите лекари без оглед на нивната стриктна специјалност да бидат запознаени со најосновните ургентни состојби, да можат пациентите да добијат соодветен третман, пред да бидат претпратени во следната институција“, вели Георгиева, која посочи дека симпозиумот е од затворен тип поради организациски причини, бидејќи халите имаат ограничен капацитет на слушатели и мора да им се овозмжи на сите лекари кои имаат котизација да можат да го остварат своето право на учество.

Целосната програма на дводневниот симпозиум на млади лекари може да се најде на официјалната веб-страница на Здружението на лекари специјализанти „ЗЛС Скопје“.

 

Извор