Со свечена академија вечерва во Скопје беше одбележан 28 Ноември – Денот на албанското знаме, организирана под покровителство на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
Ахмети во својот говор дека присутните истакна дека „во минатото, преку 500 години се војуваше и се правеа напори за јазикот, знамето и буквите“.
-Убиени се патриоти, учители, но ако ја извадиш крвта од срце, не функционира. Крвта беше јазикот, а срцето знамето. Знамето е исто како срцето поврзано со крвта и тие го одржуваа нашиот дух жив. Ниту еден говор што го одржуваме денеска нема тежина колку предавањата на Хамза Јашари, собирајќи деца од село во село, предавајќи им за 28 Ноември и албанското знаме. Орелот знае да лета високо. Крилјата на орлите никогаш не се уморуваат. Затоа, како што овој орел не поведе во војна, така и во мир ќе не води кон Брисел, рече Ахмети.
Амбасадорот на Албанија во земјава, Фатос Река истакна дека во контекст на моментот во кој живееме, императив е Албанија и Северна Македонија да ги исполнат сите обврски што ги бара Европската Унија за што поскоро да станат дел од ова семејство.
-Верувам и убеден сум дека прогресивните сили во Северна Македонија, вклучително и албанскиот политички спектар, успешно ќе ги исполнат сите обврски, вклучително и уставните измени според францускиот план, за да го продолжиме нашето заедничко патување кон Брисел. Отворањето на процесот на скрининг и преговорите со Европската Унија за Албанија и Северна Македонија во јули 2022 година отвори нови перспективи за нашите две земји, како во однос на консолидацијата на владеењето на правото, така и на усогласувањето на законодавството со она од ЕУ, придобивки од фондовите на ЕУ за економијата, науката, образованието, земјоделството и туризмот. Бидејќи нашите земји се членки на најмоќната политичко-воена Алијанса, треба да го насочиме нашето внимание кон одржување на мирот и безбедноста во координација со нашите сојузници и особено нашиот стратешки сојузник САД, рече Река.
Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби нагласи дека „нацијата се почестува со работа и посочи дека треба да продолжиме да ја правиме нацијата секој од нас камен по камен“.
-Нацијата се почестува со работа. Ние, кои сме овде, му должиме да продолжиме да ја правиме нацијата секој од нас камен по камен во нашата тврдина, почнувајќи од изградбата на автопати и железници со Албанија и Косово, отстранување на границите меѓу нас и до членството во Европската Унија. Нека секој посветено си ја работи работата, рече Груби.
Свечената академија беше збогатена и со културно-уметничка програма.
На 28 ноември, Албанците од целиот свет го обележуваат истакнувањето на албанското знаме во Тврдината во Круја во Албанија во 1443 година и во Валона во 1912 година.
Ѓерѓ Кастриоти Скендербег на овој датум во 1443 го подигнал албанското национално знаме во Тврдината во Круја, додека на 28 ноември 1912, Исмаил Ќемали го истакнал знамето во Валона. На 28 ноември 1912 во Валона е одржано и Националното собрание со 37 делегатии, кое ја прогласило независноста на Албанија.
МИА