Финска е подготвена да го затвори и последниот граничен премин со Русија

Финските власти се подготвени, доколку е потребно, да го затворат единствениот преостанат отворен граничен премин со Русија како мерка за заштита на националната безбедност, изјави денеска финскиот премиер Петери Орпо.

На прес-конференција заедно со шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој е во посета на Хелсинки, Орпо изјави дека Финска ја штити источната граница на ЕУ и НАТО.

– Доколку е потребно, подготвени сме да го затвориме и последниот граничен премин, рече финскиот премиер и додаде дека владата може многу брзо да одлучи за тоа.

– Наскоро ќе биде донесена следната одлука, сè би требало да биде подготвено, продолжи Орпо.

Хелсинки постојано ја обвинува Москва дека дозволува илегални мигранти да ја преминат нејзината граница, со што се обидува да ја дестабилизира. Финска, која влезе во НАТО во април, дели 1.340 километри граница со Русија.

Прочитајте и:  Британски министер: Русија може да ја нападне нашата енергетска мрежа

– Разузнавачки информации од различни извори ни велат дека има повеќе луѓе кои се движат кон границата … Доколку вака продолжи, во блиска иднина ќе бидат објавени повеќе мерки, рече Орпо.

Кристерсон рече дека Шведска силно ги поддржува мерките што Финска ги презема на границата. „Важно е да се нагласи дека ова е и надворешната граница на ЕУ и оти имаме заеднички интереси за ова прашање“, рече тој.

На 22 ноември, финската влада одлучи да затвори три од четирите преостанати гранични премини, оставајќи го отворен само контролниот пункт Раја-Хосепи.

МИА

- Реклама -