Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува набргу пред Владата да има предлог од работната група што треба да понуди решение за евентуално намалување или интервенции на платите на функционерите, а чие зголемување за 78 проценти од март годинава предизвика протести и барање за зголемување на примањата во јавниот сектор.
Одговарајќи на новинарско прашање Битиќи денеска порача дека е погрешно, како што рече, очекувањето кое се креира – дека со намалување на функционерските плати ќе се зголемат платите во јавниот сектор.
„Во однос на тоа кога би се намалиле платите на функционерите имајќи предвид дека дел од јавниот сектор штрајкува и е во очекување на намалување на парите на функционерите за да се зголемат нивните пари, тоа е погрешно очекување и некој едноставно сака да креира такво очекување. Кое било намалување, ако има намалување, нема да биде доволно за да се покрие евентуалното зголемување на 135.000 вработени во јавниот сектор, затоа што зборуваме за 1.260 избрани и именувани лица“, рече Битиќи, при што обвини дека ова лажно очекување е производ на „одредена политичка партија“ која, како што рече, и во минатото, кога била на власт, знаела да креира такви лажни очекувања.
Во однос на решението, Битиќи рече дека работната група веќе има одредени предлози, но сè уште се обидува да ги хармонизира со сите засегнати страни затоа што, како што нагласи, евентуалното намалување или интервенциите кај платите на избраните и именуваните лица се прави преку седум законски решенија.
„Моето очекување е дека набргу ќе дојдеме со предлог до Владата, а потоа останува Владата содветно да ги одобри или одбие“, рече Битиќи.
Извор: МИА