Маричиќ на средба со Сарацин и Франгеш: Силната поддршка од нашите партнери е гаранција за успешно изодување на патот кон ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ, остварил средба со Мануел Сарацин – специјален претставник на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, и Анжеј Франгеш – специјалниот пратеник на Република Словенија за Западен Балкан, соопшти СЕП.

Фокусот на средбата бил посветен на реализацијата на интеграцијата на земјава во ЕУ, со споделување на искуства и мислења за користење на бенефитите за планот за раст, уставните измени, реформите и извесноста на европската перспектива на Западен Балкан.

„Заедничката детерминираност на Северна Македонија и државите од Западен Балкан за влез во ЕУ, како и постојаната силна поддршка од нашите партнери, е гаранција за напорите кои ги вложуваме и овозможуваат успешно изодување на патот кон ЕУ“, истакнал Маричиќ.

На средбата било потврдено заедничкото пријателство и поддршката за напредокот на земјава кон ЕУ од страна на двете пријателски земји, Словенија и Германија,  се вели во соопштението.

Маричиќ, заедно со специјалните пратеници, оцениле дека членството во ЕУ ќе биде извесно, а дека новиот План за раст и „подадената рака од Европската Комисија“ треба што поскоро да се прифати и во целост искористи со цел реализирање на нашата стратешка цел за влез во ЕУ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Со Макрон отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон ЕУ

„Двајцата специјални пратеници за Западен Балкан, Сарацин и Франгеш, неспорно ја потврдија стратегијата на Европската Комисија за идното проширување, која презентира конкретна слика за реализација на вклучување на регионот на Западен Балкан во ЕУ и ја поддржаа нашата заложба за превземање на следните конкретни мерки во процесот на преговорите, реализација на реформите и овозможување на бенефитите за граѓаните преку Планот за раст за Западен Балкан“, наведуваат од СЕП.

Маричиќ, пак, ги потврдил заложбите и посветеноста на Владата за натамошна успешна реализација за европската иднина на државата.

Покрај тоа, Маричиќ им се заблагодарил за поддршката на Германија и Словенија, кои, како што потенцираат од СЕП, се наши политички и економски партнери и сојузници во исполнувањето на реформската агенда и на стратешките цели на патот кон ЕУ.

- Реклама -