„Република Северна Македонија е ценет сојузник на НАТО. Навистина ве цениме и многу ги цениме вашите придонеси кон нашата Алијанса. НАТО може да се потпре на Северна Македонија, а Северна Македонија може да се потпре на НАТО“, изјави денеска на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски во Владата.
„Вие придонесувате кон безбедноста и стабилноста на Западен Балкан преку нашите мировни мисии со КФОР на Косово, решени сте да дојдете до два проценти од БДП потрошени на одбраната до следната година, а Северна Македонија силно ја осуди и руската агресија против Украина. Се приклучивте на ЕУ во наметнувањето санкции кон Москва и нудите воена и финансиска поддршка на Украина. Алијансата ви гарантира безбедност. Покриени сте од авионите на НАТО, и ова е всушност силидарноста на НАТО на дело“, нагласи Столтенберг.
Тој посочи дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за НАТО и, како што рече, тука има причини за загриженост.
„Во Бих се појавија тензии и тука ги охрабрувам политичките лидери да се воздржат од поделбени и сецесионистички реторики и наместо тоа да ги концентрираат своите напори на помирување и на мирна иднина. Во Косово неодамна видовме инциденти со сериозно насилство. Белград и Прштина мора да се впуштат во дијалогот којшто е олеснет од ЕУ затоа што тоа е единствениот начин да се дојде до решението ќе ги почитува правата на сите заедници“, порача Столтенберг.
Премиерот Ковачевски од своја страна истакна дека земјава, како членка на НАТО, продолжува да вложува во јакнење на капациеттите во задржување и јакнење на статусот на сојузник од доверба во Алијансата.
„Како најмлади членки се посветивме и ја постигнавме воената интеграција од било која претходна земја-членка која се приклучила на Алијансата“, истакна Ковачевски.
Според него, стабилноста на регионот е исклучително и суштински важна и тоа повеќе од кога било досега.
„Токму затоа наш приоритет е евроинтеграцијата. Пред сè на Северна Македонија, но и на регионот. Не смееме да имаме пречки и кочници на тој пат и ќе направиме сè што е потребно да го исчекориме до крај, сè до нашето членство во ЕУ во 2030 година“, рече Ковачевски на заедничката прес-конференција со Столтенберг.
Извор: МИА