Пратениците од Левица предизвикаа инцидент во Собранието

Во Собранието попладнево се случи инцидент кога пратениците од Левица почнаа да фрлаат со нивните амандамни за Деловникот кон потпретседателот на Собранието Горан Мисовски. Пратеникот Борислав Крмов, кој имаше процедурална забелешка, фрлаше со листовите од амандманите и ги искрши компјутерот и телефонот пред претседавачот на Собранието, а потоа нему му се придружи и Димитар Апасиев.

Левица поднесе над 2000 амандмани за Предлог-Деловникот на Собранието. Претседателот на Собранието Талат Џафери, посочи дека се поднесени 2461 амандмани од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов кои не се уредни. Како што рече, 12 амандмани се уредни, а останатите не. Тој додаде дека три амандмани поднеле и пратениците Бедри Фазли и Илија Николовски и дека истите се уредни.

Крмов рече дека 131. седница мора да биде прекината, дека нивните амандамни не се ни доставени и дека немаат архивски број и побара да биде кажано по кој основ се отфрлени.

Претходно Димитар Апасиев побара да се тргне првата точка од дневен ред односно Предлог Деловникот. Против овој предлог гласаа 82 пратеници и истиот не беше усвоен.

Апасиев во своето процедурално обраќање посочи дека Левица поднесе над 2.000 амандмани за да спречи носење на штетен и недемократски Деловник, со кој се укинува „филибастеринг“. Според Апасиев, власта е подготвена брутално да ги прекрши собраниските процедури и да ги угнети пратеничките права.

Тој предложи првата точка да се тргне од дневен ред и во порелаксирана атмосфера да се донесе утре или задутре, кога ќе се пронајде политички консензус. Според Апасиев, ова што денес ќе го направи претседателот на Собранието е без преседан во парламентарната историја.

-Денес се спрема шверц на Собранието во Република Македонија. ДПМНЕ и ДУИ ќе ги шверцаат сите закони со европско знаменце во следниот парламентарен состав. Ова што денес ќе го направи претседателот на Собранието е без преседан во парламентарната историја, рече Апасиев.

Според Апасиев, сериозноста е во тоа што во идниот парламентарен состав, секој закон ќе биде со европско знаменце.

-Тоа значи дека опозицијата без оглед дали има 59, 58 пратеници, не ќе може ништо да спречи, тоа е влез во диктатура, додаде Апасиев.

МИА

- Реклама -