Местото на Западен Балкан е во Европската Унија. Ова значи дека проширувањето на Унијата треба да се забрза и вистинските преговори со Северна Македонија да започнат веднаш, порача министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто кој е во работна посета на земјава.
Тој на денешната заедничка прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека Европската Унија се соочува со сериозни предизвици, имајќи ја во предвид војната во Евроазискиот континент.
-ЕУ е сериозно ослабната. Прашањето е како да го сопреме ослабнувањето. Сметам дека првиот чекор е да признаеме дека Унијата има потреба од Западниот Балкан. Треба да се признае дека на ЕУ и е потребна свежа енергија која доаѓа од Западниот Балкан, а проширувањето да се забрза веднаш со Северна Македонија. Вистинските преговори треба да почнат веднаш и да се одржуваат до крај, за што е можно побрзо Северна Македонија да стане членка на ЕУ, рече Сијарто.
Но, како што потенцира, уште има земји кои го попречуваат и успоруваат овој процес.
-Северна Македонија е земја кандидат веќе 18 години. Земјата 18 години има кандидатски статус, и не може да ги започне преговорите и на овој начин се покажува непочитување кон земјата. Ова е котнрадикторно на интересите на ЕУ. Тие кои што го блокираат стартот на овие преговори, треба да знаат дека го поткопуваат и кредибилитетот на ЕУ, додаде Сијарто.
Тој појасни дека кога Унгарија ќе го преземе претседавањето со ЕУ, ќе направи се да се овозможи пристапувањето на Северна Македонија и на целиот Западен Балкан.
На новинарско прашање за албанските преговори, Сијарто рече дека ја поддржуваат европската интеграција на Албанија.
-Во однос на европската интеграција на Албанија, ние ја поддржуваме и сметам дека Албанија заслужува да започне со вистински пристапни преговори. Кога ние ќе го преземеме ротирачкото претседателство со Европската Унија, очекувам дека ова прашање ќе го ставиме цврсто на нашата агенда, одговори Сијарто.
Извор: МИА