Македонците во Албанија велат дека Бугарија се обидува да ги натера да се идентификуваат како Бугари, проширувајќи го спорот со Скопје околу историјата, јазикот и идентитетот, стои на почетокот на анализата на БИРН посветена на пописот на населенито во Албанија и напорите од бугарска страна за асимилација на Македонците.
Во текстот, БИРН оценува дека Бугарија и Македонија се во „судир со децении околу прашањата за идентитетот, јазикот и историјата“, но кои кулминирале во изминатите три години на бугарски блокада на интеграцијата на Скопје во Европската Унија. „Но, сега се отвори нов фронт во Албанија“, се посочува во текстот.
„Во текот на пописот во Албанија, членовите на малото во земјата македонско малцинство велат дека биле под притисок од Бугарија да се идентификуваат како Бугари, кои беа признати како етничко малцинство во Албанија дури во 2017 година. Македонското малцинство ја обвинува членката на ЕУ, Бугарија, дека мавта со пасоши на ЕУ за да се убедат Македонците воглавно во источна Албанија, како и на границата со Косово и Северна Македонија – да се идентификуваат како Бугари во пребројувањето на населението, кое завршува на 15 ноември“, се наведува во анализата.
БИРН посочува дека алармот се вклучил кога бугарската потпретседателка Илијана Јотова ја посети Албанија во септември, два дена пред почетокот на пописот, и присуствуваше на свечениот почеток на новата учебна година во бугарското неделно училиште во Елбасан.
Потсетува дека Јотова посетила и едно село во Голо Брдо каде, според неа, жителите се идентификуваат како Бугари и имаа официјални средби на високо ниво во Тирана.
„Бугарија тврди дека етничките Бугари долго време биле присутни во Албанија, но им бил ускратен нивниот вистински идентитет и во Албанија и во Северна Македонија за време на комунистичкото владеење, како и во трите децении од падот на комунизмот и распадот на федерална Југославија“, се нагласува понатаму во нализата на БИРН.
БИРН потсетува дека во писмата до албанските и меѓународните тела, Васил Стерјовски – поранешен пратеник во албанскиот парламент и претседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), предупредил на обид за создавање „вештачко малцинство“ во Албанија.
„Македонската заедница не смее да биде колатерална штета на албанскиот пат кон ЕУ“, напиша тој на 29 септември, наведува БИРН.
Користејќи го своето право на вето како членка на ЕУ, се вели во текстот, Бугарија се обиде да издејствува низа отстапки од земјава за да ги задоволи Бугарите кои тврдат дека македонскиот идентитет и јазик се од бугарско потекло, тврдење што, како што се вели во анализата, „е длабоко навредливо за многу Македонци“. Прашањето за македонското малцинство во Албанија, исто така, е дел од расправијата со години, но почна да „врие“ со почетокот на пописот на населението, констатира БИРН.
Во анализата се посочува дека се работи за областите Гора, Голо Брдо и Преспа, долж албанската граница со Косово и со Македонија. Македонците во Албанија, се наведува, ја обвинуваат Бугарија дека се обидува да го искористи својот статус во ЕУ за да ги убеди Македонците, но и Албанците да се идентификуваат како Бугари, нудејќи им пасоши како начин да пристапат до можностите за работа во ЕУ и да избегаат од сиромаштијата.
„Ова не само што го попречува пописот, туку и поставува сериозни прашања за слободите и правата на албанските граѓани со македонско потекло, напиша Стерјовски во второто писмо од 19 октомври и се обрати, меѓу другото, до албанскиот премиер Еди Рама, Народниот правобранител на земјата, Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ОБСЕ и голем број странски амбасади во Тирана.
Тој ги обвини ‘бугарските екстремисти’ за упатување закани преку социјалните мрежи и бугарските официјални лица дека ги посетиле за време на пописниот период и им нудат поволности на Македонците, често во присуство на албанската полиција и пописните службеници од Институтот за статистика, ИНСТАТ“, потсетува БИРН, додавајќи дека на последниот попис во Албанија, во 2011 година, 5.512 лица се идентификувале како Македонци, или приближно 0.2 отсто од населението.
Извор: МИА