Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби изјави дека САД имаат разузнавачки информации оти Хамас има команден центар под болницата Ал Шифа во градот Газа.
Кирби рече дека разузнавачки податоци покажуваат дека „Хамас и палестинскиот Исламски џихад користат некои болници во Појасот Газа, вклучително и Ал Шифа, и тунелите под нив за да ги прикријат и поддржат нивните воени операции и да држат заложници“.
Тој рече дека групите складирале оружје под Ал Шифа и се „подготвени да одговорат на израелската воена операција против тој објект“.
„Не поддржуваме напад на болница од воздух и не сакаме да видиме престрелка во болница каде невини луѓе, беспомошни луѓе, болни луѓе едноставно се обидуваат да ја добијат медицинската нега што ја заслужуваат, а не да се најдат во вкрстен оган. Болниците и пациентите мора да бидат заштитени“, додаде Кирби.
Тој рече дека ова укажува на тоа колку „предизвикувачка е воената операција“.
„Хамас длабоко се вградил во цивилното население. Израел сега има дополнителен товар со оглед на начинот на кој дејствува Хамас“, рече тој.
Кирби на крајот рече дека активностите на Хамас „не ги намалуваат одговорностите на Израел да ги заштити цивилите во Газа“ и изјави дека САД одржуваат „активен разговор“ со израелската влада за тоа.
МИА