Столтенберг: За да го натераме Путин на преговори, мора да го убедиме дека не може да победи во Украина

Украина сама треба да реши кои се прифатливите услови за мировни проговори и договор, а одговорноста на сојузниците на НАТО е да и овозможат да се брани, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг пред неговата средба со министрите за одбрана на членките на Унијата и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедноста Жосеп Борел.

– Во наш интерес е да покажеме дека стоиме во одбрана на меѓународното право и на владеењето на правото и да ја поддржиме Украина во борбата против руската агресија, рече Столтенберг.

Тој нагласи дека војните се непредвидливи и никој не може да каже како ќе се одвива сегашната војна , но доаѓањето до прифатливо решение за преговори ќе зависи од тоа колку воена помош ќе и биде доставена на Украина.

Прочитајте и:  Зеленски: На Украина и се потребни пакети со оружје, а не зборови

-Засега не видовме вистинска подготвеност од рускиот претседател (Владимир) Путин да преговара за прифатливо решение за Украина. Единствениот начин да дојдеме до тоа е да го убедиме Путин дека не може да победи на бојното поле, а за да го постигнеме тоа треба да ги зајакнеме воените капацитети на Украина, рече Столтенберг.

Тој потенцира дека во Украина продолжуваат судирите и состојбата во земјата е тешка, па затоа западните земији мора да ја зајакнат поддршката за Киев.

– Не смееме да дозволиме претседателот Путин да победи и Украина мора да опстане како суверена и независна држава во Европа, па затоа во наш интерес е да продолжиме да ја поддржуваме, рече Столтенберг.

МИА

- Реклама -