Сандерс: Тоа што главен фокус е членството во ЕУ е голем ризик за потенцијалните инвеститори и бизнисот воопшто, треба визија и стратегија

„Мора да имате вистинска визија каде одите, дефинирани одговорности и стратегија која ќе знаете како да ја примените. Ова се многу едноставни деловни алатки. За жал, политиката во овој регион, според мене, ги нарушува сите овие аспекти, а тоа значи дека вистинскиот потенцијал на една земја, на земја што јас ја запознав пред неколку години, не се остварува, зашто не постои стратегија“, оцени денеска Кристофер Сандерс – специјален советник на претседателот на Стопанската Комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

Во месечното обраќање што го организира Комората на тема „Глобалните геополитички случувања – предизвик за интернационализација на бизнисот и следење на новите трендови во индустријата“, Сандерс истакна дека за потенцијалните инвеститори и бизнисот воопшто, голем ризик е тоа што земјава главниот фокус го става на членството во ЕУ.

„Последните стратегии за индустријата или образованието се од 2018 година, а што сè се случи од тогаш? Каде се новите веризии од нив, каде се новите планови? Во оваа земја такво нешто не гледам. И без тоа, како очекувате која било комапнија да инвестира овде кога единствената аспирација на луѓето е да се стане членка на ЕУ? Колку луѓе ќе ја напуштат оваа земја штом тоа ќе се случи? Каде се моите работници во иднина кога тоа ќе се случи? Каде е фокусот во Македонија за развој на вештини, способности, на образовна основа кои ќе помогнат да се надминат и другите земји, да дојдете во прва позиција, да кажете „можам да создадам тим во Македонија за да го добијам тоа што треба, денеска, утре, во иднина, да знам дека ќе го добијам тоа и дека преземените обврски ќе бидат исполнети“. Тоа е големиот ризик што го забележувам во моментот, истакна Сандерс.

Прочитајте и:  Кос: Ќе работам на тоа билатералните прашања да не се увезуваат во процесот на проширување

Според него, сепак е добро тоа што луѓето тука сè уште се гладни за успех и не се потпираат, како што напомена, на општество кое сè им дава и сè им обезбедува.

„За место како Македонија имате една добра карактеристика – луѓето се сè уште гладни за успех, сè уште не се потпираат на општество кое сè им дава, кое сè им обезбедува“, рече советникот на Азески.

Сандерс се осврна на глобалните трендови и предизвици поврзани со случувањата во Украина и пошироко, миграцијата на работната сила и трендовите во автоиндустријата.

Комората, пред почетокот на месечното обраќање, го претстави Сандерс како голем пријател и поддржувач на македонската економија. Сандерс е хемиски инженер кој првично бил вработен во групацијата „Костал“ каде останал до крајот на својот работен век. Брзо по вработувањето преминал во управувачкиот тим од каде изминатите три децении го водел сегментот на корпоративното планирање и координирање. Се пензионирал како заменик извршен претседател на групацијата „Костал“.

МИА

- Реклама -