Османи: Министерскиот собир на ОБСЕ најголем настан кај нас, и по димензија, и по суштина

Министерскиот годишен собир на ОБСЕ од 29 ноември до 1 декември во Скопје ќе биде најголем настан во државава, и по димензии и по суштина, рече министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи, на брифинг со новинарите во СЦ „Борис Трајковски” каде привршуваат подготовките за преадаптација на просторот.

Ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ, се очекуваат 1.000 гости во делегациите, делегации од САД, Велика Британија и од Русија, иако не се знае дали ќе пристигне МНР на Русија поради затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји.

Суштински е најголем настан, зашто ОБСЕ првпат, рече Османи, е во егзистенцијална криза како организација која од 1975 е основана со мисија да ги чува мирот и безбедноста и да менаџира конфликти. Во криза е, додаде тој, зашто на ниско ниво е довербата на земјите членки по агресијата врз Украина.

„Првпат нема претседавач за 2024, а треба две години однапред да се одреди. Поделени се земјите по ова прашање“, рече Османи и очекува одлуката да се донесе токму во Скопје. Исто така, организацијата се соочува и со проблемот дека не е одобрен буџет на ОБСЕ.

Одлуката за иднина на ОБСЕ , како што рече, очекува да биде токму во оваа сала и собирот е можност за дијалог на министрите на најголемите земји во светот да комуницираат за прашања за регионот на ОБСЕ. Скопје, рече, ќе биде центар на светот.

Османи истакна дека земјава, како претседавач на ОБСЕ, е подготвена за организација на настанот, при што потенцираше дека МНР една и пол година се подготвува.

Во логистика за настанот ќе бидат ангажирани над 200 луѓе, 200 војници ќе бидат возачи за спроведување на делегациите. Ќе биде обезбеден и чартер лет од Брисел за Скопје, а некои делегации ќе дојдат со свои авиони.

Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите.

МИА

- Реклама -