УЈП се сомнева во економски нелогичности кај лицата со сопствени компании, најави дополнителни контроли

Управата за јавни приходи (УЈП) ќе направи дополнителни контроли заради сомневање за изведното плаќање на данок на добивка од страна на компании кај кои некои од овие лица се јавуваат како сопственици или управители, најави денеска директорката на УЈП – Сања Лукаревска.

„Согласно анализата што ја имаме направено кај различни целни групи односно при поднесените и потврдените годишни даночни пријави треба да провериме бидејќи тоа е еден вид на наша претпоставка дека лицата од сопствените компании имаат исплатено доход којшто нема никаква ниту економска ниту соодветна пазарна логика, како на пример сопственици или управители на сопствените компании им даваат консултантски услуги, издаваат имот под закуп под баснословни суми, исплаќаат за права на индустриска сопственост или авторско права, што е прилично симптоматично. Секако дека кога станува збор за овој профил на лица се очекува и дека ќе исплатат соодветни повисоки плати, како и повисоки дивиденди со цел да ги избегнеме сите овие нелогичности од законски аспект ќе направиме соодветни дополнителни анализи“, рече Лукаревска и најави дека со проверките ќе бидат опфатени најчесто сите оние кои имаат високи остварени приходи во рамки на анализите од 2022 година.

На прес-конференцијата на која беа соопштени највисоките приходи во 2022 година, таа се осврна и на вчерашната полициска акција „Синџир“, посочувајќи дека компаниите опфатени со неа се исконтролирани од УЈП и доставени се документите што ги побарала Управата за финансиска полиција.

МИА

- Реклама -