Четириесет земји предводени од САД планираат да потпишат ветување дека никогаш нема да плаќаат откуп на кибер криминалците и оти ќе работат на елиминирање на механизмите за финансирање на хакерите, изјави денеска заменик советничката за национална безбедност на САД задолжена за кибер и новите технологии Ен Нојбергер.
Меѓународната иницијатива за борба против уценувачкиот софтвер доаѓа во време на зголемен број такви напади ширум светот.
– САД се најтешко погодени, со 46 отсто од ваквите напади. Сè додека парите течат кон криминалците од уценувачките софтвери, тоа е проблем што ќе продолжи да расте, изјави Ен Нојбергер на виртуелниот брифинг.
Во нападите со уценувачки софтвери, хакерите ги шифрираат системите на организациите и бараат откуп во замена за нивно отклучување. Тие често крадат чувствителни информации и ги користат за да ги уценуваат жртвите и се закануваат дека ќе ги објават на интернет доколку не биде платен откуп.
Во изминатите два месеца во САД беа нападнати операторот на казиното „МГМ Ресортс интернешнл“ (MGM Resorts International) и производителот на артикли за чистење „Клорокс“ (Clorox).
Новата иницијатива има за цел да го поткопа криминалното финансирање преку подобро споделување информации за сметките за откуп, истакна Нојбергер.
МИА