Државите од регионот сè почесто се соочуваат со недостиг на квалификувана работна сила, а една од причините за ваквата состојба се примамливите плати што се нудат на европскиот пазар. Ваквото раздвижување на работната сила е особено изразено во летниот период кога е актуелна сезонската работа.
Самир Куртовиќ, претседател на Синдикатот на државните службеници и функционери во органите на државната служба, правосудството и јавните институции во Босна и Херцеговина, во разговор за МИА вели дека повисоките плати и договорите за работа кои гарантираат сигурност се двата клучни елементи за ваквата состојба.
„Се прават договори, што е многу важно, бидејќи кога ќе потпишат договор имаат официјален документ дека ќе ги имаат тие примања. Нема никаков кеш, бидејќи Хрватска е дел од Европската унија и тоа дава сигурност. Затоа поголем дел од работниците одат да работат сезонски. Примањата се квалитетни и сигурни и изнесуваат околу 2000 евра на месечно ниво“, појаснува Куртовиќ.
Вели дека и во Босна и Херцеговина има недостиг на работна сила, особено во летниот период, но дека согласно Законот за работа, мора да постои договор за работа без разлика дали работникот е ангажиран на помал и подолг временски период.
„Договорот за работа мора да постои без разлика дали работникот е ангажиран на дневно ниво, на неколку дена или на неколку месеци“, нагласува Куртовиќ.
Потпишувањето на договорот за работа, додава, е многу важен сегмент затоа што во него се дефинираат сите права на работникот – од висината и додатоците на плата, минатиот труд, придонесите до времетраењето на договорот…
Во однос на платата, Куртовиќ смета дека таа треба да ги следи инфлаторните движења и работниците да земаат плата којашто ќе биде доволна за нормален живот за да не заминуваат во странство.
„Цените високо пораснаа, а платите не растат на квалитетен и законски начин. Примањата во БиХ се многу подобри во однос на Македонија. Неодамна бев во Охрид и кога еден келнер ми кажа дека зема плата од 400 евра, тоа е навистина смешно. Во БиХ нема келнер кој има плата под 750 евра“, вели Куртовиќ.
За разлика од земјава, каде просечната плата според последните статистички податоци изнесувала речиси 600 евра за август, во Босна и Херцеговина просечната плата е околу 850 евра заедно со ставките храна и превоз, кои сега се исплаќаат одделно од платата. Т.н. топол оброк во БиХ изнесува еден процент од просечната плата, односно се движи од шест до седум евра за секој ден, така што за 23 работни дена работникот зема околу 130 евра.
Куртовиќ, кој в понеделникот беше во Скопје каде учествуваше на работилница посветена на движењето на работната сила и на сезонската работа, вели дека е недозволиво платата да се исплаќа во кеш.
„На презентацијата, колегата од Македонија укажа дека голем дел од работодавачите ја исплаќаат платата за сезонската работа во кеш. Тоа кај нас е апсолутно неприфатливо. Работникот мора да биде пријавен, мора да се почитува процедурата, а не да биде исплатен во кеш“, вели Куртовиќ.
Во однос на случаите во кои вработени од државната администрација земаат неплатено отсуство од работа за да заминат на сезонска работа, Куртовиќ вели дека вакви случаи има многу малку во Босна и Херцеговина.
„Во Законот за државна служба е дефинирано како и на кој начин може вработен во државната администрација да замине на неплатено отсуство, а максималниот период е три месеци, но многу малку луѓе земаат вакво отсуство од работа бидејќи органите на државната служба бараат многу“, посочува Куртовиќ.
Во земјава, неплатеното отсуство е исто така во времетраење од три месеци во една календарска година, а според член 27 од Општиот колективен договор, неплатено отсуство може да се земе по неколку основи – за патување во странство заради семејно обединување, за учество на конгреси и конференции, лекување во земјава и странство, за учество на културни и спортски приредби…
Дел од вработените во државната администрација ги користат овие можности што ги нуди законот и во летниот период земаат неплатено отсуство од три месеци за да работат во странство. Точна бројка колку вакви случаи, нема, а засега, нема ниту иницијатива да се промени нешто.
МИА