Курти: Ако се потпише предлогот на ЕУ за Заедницата на српски општини, веднаш оди пред косовскиот Уставен

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека нацрт-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово, претставен од западните дипломати, веднаш ќе биде проверен од Уставниот суд за да се оцени неговата уставност доколку договорот биде потпишан во Брисел, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти на денешната прес-конференција изјави дека тоа му го кажале и самите западни дипломати, кои минатата сабота беа во посета на Косово и Србија за да го претстават нивниот нацрт-статут, со кој се настојува да се деблокираат преговорите меѓу Косово и Србија по нападот на српска група во северно Косово на 24 септември.

Според Курти, американско-европските емисари рекле дека нацртот на Асоцијацијата е напишан со внимателно водење сметка за структурата на Уставот на Косово.

– На 21 октомври ни беше кажано од американско-европските емисари дека нацртот за самоуправување е напишан внимателно според словото и структурата на Уставот и законите на Република Косово и дека доколку се потпише, било предвидено тоа веднаш да го провери Уставниот суд, за тој да ја даде својата оцена за уставноста на овој предлог, рече Курти.

Шефот на косовската влада изјави дека Србија повторно одбила да го потпише договорот, вклучително и нацртот за заедницата.

Тој го обвини Белград за поттикнување насилство и дека стои зад терористичкиот напад на 24 септември во Бањска кај Звечане и информира дека на вчерашната средба со европските лидери во Брисел побарал казна за Србија, „бидејќи неказнувањето станува охрабрување за повторување на злосторството“.

Курти рече и дека побарал екстрадиција на терористите од Србија, со цел тие во Косово да се соочат со правдата.

Изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, дека не ја прифаќа независноста на Косово, дека се противи на приемот на Косово во ОН и не го прифаќа неговиот територијалниот интегритет, Курти ги оцени како директна закана од Србија и кршење на договорите.

Тој одби да даде детали за новиот европски план, велејќи дека тоа го побарале емисарите.

– Го почитуваме барањето на петмината емисари, со кое од нас се бара да не зборуваме конкретно за тоа. Но, најважно е што емисарите изјавија дека тоа го напишале внимателно, имајќи ги предвид Уставот и законот и дека одговорот на секоја дилема секогаш ќе го дава Уставниот суд (на Косово), рече Курти.

Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Миослав Лајчак, придружуван од пратеникот на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар и високите советници на лидерите на Германија, Франција и Италија, престојуваа минатата сабота, на 21 јуни, во Приштина и Белград, каде што пред косовскиот премиер и српскиот претседател го претставија нивниот предлог за статутот на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово.

Основањето на Заедницата се смета за еден од главните предуслови за продолжување на преговорите со посредство на ЕУ за решавање на споровите меѓу Косово и Србија. Меѓутоа, контактите меѓу Приштина и Белград беа целосно прекинати по терористичкиот напад на српска вооружена група во Бањска, во северно Косово, во кој загина еден и беа ранети двајца припадници на косовската полиција, а потоа беа убиени и тројца од напаѓачите, додека остантите пребегнаа во Србија.

МИА

- Реклама -