Бектеши: Не ја оспоруваме таксата од Бугарија, бараме да ги ослободат количините за нашиот гасовод

Ако воведуваат такса за „Гаспром“, како што вели министерот за финансии на Бугарија, тогаш нека ги укинат и количините што им ги обезбедиле со децении, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

На новинарско прашање тој наведе дека „не би сакал да коментира изјави на министри од други држави кои најверојатно имаат внатрешни проблеми“, но дека „прво и основно министерот за финансии на Бугарија треба да знае дека ние не ја оспоруваме таксата која ја вовеле, туку количините што тие ги загарантирале за Гаспром во однос на гасоводот со Република Македонија“, што, потенцираше, се две различни работи.

„Количините кои ги закупил ‘Гаспром’ од бугарската страна до 2030 година немаат врска со воведување на таксата. Претходната година со помош на нашите стратешки партнери, особено САД, ослободивме одредени количини, околу 180 милиони нормални метри кубни, но нашата потрошувачка е 400 милиони. Затоа бараме да се ослободат количините за да можеме да се снабдуваме од други извори како што се снабдуваме за овие 180 милиони нормални метри кубни со азербејџански гас и со ЛНГ што доаѓа од САД. Значи, министерот за финансии зборува за финансискиот аспект и за воведување тарифи и такси, не зборува за процедурални работи и обврски што ги има Република Бугарија кон Европската комисија во делот на издавање на тие закупи преку аукции. Тоа е работа на ‘Булгартранзгас’ и Министерството за енергетика во Бугарија. Тие треба прво и основно да се консултираат меѓу себе и да имаат единствен став“, рече Бектеши.

Бектеши повтори дека во делот на отштетата и споровите што ние би ги отвориле ако не се ослободат капацитетите за пренос на природен гас но граничниот премин со Бугарија, имаме правна основа.

Ако воведат такса, тогаш нека ги укинат и количините што им ги обезбедиле со децении, рече Бектеши.

Мислиме дека сме уценети, рече Бектеши, со тоа што воведуваат такса за „Гаспром“ што не го оспоруваме, а воедно им даваат на „Гаспром“ можност да закупат преносни количини до 2030 година.

„Има само еден допис од страна на ‘Булгартранзгас’ што е пратен до ЕСМ Продажба каде што тие бараат од наша страна да кажеме каков гас користиме. А ние имаме само една точка на испорака, од страна на Бугарија, односно првично и основно тие би требало да знаат каков гас тече низ нивните гасоводи. Ние веќе сме одговориле дека за потребите на ЕСМ продажба користиме азербејџански и ЛНГ гас од САД. Но, за нас не е спорна таксата. Да им биде јасно на граѓаните, ние мислиме дека сме уценети со тоа што воведуваат такса за ‘Гаспром’ што не го оспоруваме, а воедно им даваат на ‘Гаспром’ можност да закупат преносни количини до 2030 година. Значи, имаат две мерки кои се спротивставуават една со друга“, посочи Бектеши.

Дополни дека прашањето во однос на количините што ги закупил „Гаспром“ во делот на количините со нашата држава го имаме отворено веќе три години. Обезбедивме одредени количини, рече Бектеши, но гасоводот не се користи целосно, туку околу 50 проценти и тие имаат можност согласно со директивите тие 50 проценти, односно околу 400 милиони нормални метри кубни, да ги ослободат за да и другите снабдувачи имаат можност да ја снабдуваат нашата држава.

Тој одговараше на прашања на новинарите по владината седница на која беа донесени одлуки да се продолжи до крајот на годината мерката за гарантираните цени што се во сила за основните прехранбени производи и алкохолни и безалкохолни пијалаци.

МИА

- Реклама -