Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев смета дека светот не треба да се залажува и оти израелската офанзива врз Газа ќе се случи.
„Израел продолжува да ја одложува копнената операција во Газа, главно под притисок на САД и стравувајќи од гневот на светот. Но, немојте да се залажувате, операцијата ќе биде спроведена и тоа со најкрвави можни последици“, рече Медведев, кој сега е заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
„Молох (еврејскиот бог на војната) секогаш бара повеќе жртви, а во исто време ќе покрене ‘машина за меѓусебно насилство’. Покрај тоа, Западот е многу уморен од Украина, па со ентузијазам прифати да го поддржува Израел. Дури и новиот претседател на Претставничкиот дом на САД, конгресменот Мајкл Џексон (извинете, Мајк Џонсон, но на кого му е гајле) ја наведе помошта за Тел Авив како свој прв приоритет“, напиша Медведев на Телеграм.
Медведев додаде дека можеби подобро решение би било да се продолжи процесот на решавање на Блискиот Исток и конечно да се обиде да се спроведе Резолуцијата број 242 на Советот за безбедност на ОН од 22 ноември 1967 година.
„Можеби не е лошо да се усвои оригиналниот план за поделба на Палестина усвоен на 29 ноември 1947 година со резолуција 181 на Генералното собрание на ОН? Прашањата, се разбира, се реторички. Сè на сè, многу поинтересно е да се дадат пари за туѓа војна што се води далеку од САД. Војната мора да продолжи …“, заклучи поранешниот руски претседател.
МИА