САД немаат право да се мешаат во проблемите на Кина со Филипините, порача Пекинг по предупредувањето од Бајден

САД немаат право да се мешаат во проблемите меѓу Кина и Филипините, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи за тензиите околу спорните води во Јужното Кинеско Море.

„САД не се страна во прашањето на Јужното Кинеско Море, тие немаат право да се мешаат во проблемот меѓу Кина и Филипините“, изјави портпаролот на министерството Мао Нинг на редовниот брифинг со новинарите како одговор на прашање за американската порака дека ќе ги брани Филипините.

Кина и Филипините имаат неколку големи спорови во Јужното Кинеско Море, првенствено во спорните води околу вториот атол Томас Шоал, дел од островите Спратли.

Во неделата кинески брод се судри со филипински брод, по што Манила најостро ги осуди „опасните маневри за блокирање“ на кинескиот брод.

Прочитајте и:  Орбан: Следуваат двата најопасни месеци од војната, Западот треба најсериозно да ги сфати зборовите на Путин

„Ветувањето на САД дека ќе ги бранат Филипините не смее да го наруши суверенитетот и поморските интереси на Кина во Јужното Кинеско Море и не смее да поттикнува незаконски претензии од Филипините“, кажа Нинг.

Портпаролот на филипинското Министерство за надворешни работи допрва треба да одговори на барањето за коментар.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера во Белата куќа изјави дека посветеноста на САД за одбраната на Филипините е „цврста како железо“, откако ја обвини Кина дека дејствува „опасно и незаконски“ во Јужното Кинеско Море.

„Секој напад врз филипински авиони, бродови или вооружени сили ќе го активира… нашиот договор за заемна одбрана со Филипините“, рече Бајден на заедничката средба со австралискиот премиер.

МИА

- Реклама -