Учениците со нивните родители, професори и раководството на Општинското средно медицинско училиште „Никола Штејн“ во Тетово протестираа во училишниот двор. Причина е известието од Министерството за образование, за кое велат дека, учениците од дуалните паралелки ќе бидат изземени од стипендија.
Родителите се револтирани затоа што добивањето стипендија и извршување практична работа во здравствена установа како дуално стручно образование било наведено во конкурсот при упис и, затоа сите тие се одлучиле да ги одберат тие паралелки.
-Без никакво објаснување Министерството објави дека од 1500 ученици кои ќе добиваат стипендија во дуалните паралелки, се изземаат само учениците од здравствена струка во средни училишта на ниво на државата. Ние имавме шест паралелки по 25 или вкупно 150 ученици. Министерството за образование зеде обврска преку фондот добиен од Швајцарската амбасада да им додели стипендија од 3500 денари по ученик во текот на школска година од девет месеци, изјави Бинас Пајазити, директор на ОСМУ „Никола Штејн“.
Револт има и кај наставниот кадар затоа што имале повеќе месеци работа за да се организираат и договорат овие дуални паралелки со повеќе здравствени установи.
– Без разлика на образложението ние сме ги направиле сите процедури. Изгласано е во советот на училиштето, Совет на Општина, па пратени до Министерството, тие ги анализирале и го објавиле конкурсот за дуални паралелки. Наеднаш го одземаат правото на децата тоа што им следи според објавениот конкурс. Бараме од Министерството ако може оваа учебна година да го добијат ова право затоа што им следи согласно конкурсот. Ако не следат стипендии за дуално образование, нема да се нафатиме, затоа што ова е макотрпна работа, со секоја здравствена установа треба да се преговара и да се потпише договор, рече Пајазити.
Кај родителите незадоволството е големо затоа што децата се одлучиле за ваква струка токму поради убедувањата на властите да се избере средно стручно образование, како начин на полесно обезбедување работа во иднина.
– Ова право треба да се оствари бидејќи им биле ветени стипендии, уште пред упис, сега имаме известие дека нема да добиваат. Тоа значи дека се деградирани и нивното право кое им беше ветено нема да биде реализирано. Како сите струки така и медицинската е многу битна за секое општество. Ова е тешка професија за која треба да се залага секој за да постигне резултати, да спасува животи и хумано да се однесува, изјави Бети Богоев, мајка на ученик.
– Да ни кажат зошто тие средства се блокирани. Ние не знаеме. Тие пари ќе бидат поттик и за поголема волја да учат понатаму. Тие се добродојдени средства бидејќи ние се соочуваме со економски предизвици, изјави Шабан Зибери, татко на двајца ученици во медицинското училиште.
Директорот Пајазити рече дека по писмен пат побарале но не добиле одговори од оддел за стипендии во Министерството за образование и од Центарот за стручно образование.
Според информациите она училиштето во јануари 2023 Министерство за образование и Швајцарската амбасада потпишале меморандум за соработка и грант од 5.9 милиони швајцарски франци за стипендирање на учениците од дуалните паралелки.
МИА