Гутереш го осуди „јасното кршење на хуманитарното право“ во Газа, Израел побара негова итна оставка

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска пред Советот за безбедност ги осуди „јасните прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“, на осумнаесеттиот ден од војната меѓу Израел и Хамас.

„Длабоко сум загрижен поради јасните прекршувања на меѓународното хуманитарно право што ги гледаме во Газа. Да бидеме јасни, ниту една страна во кој било вооружен конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“, рече тој, но без да го именува Израел.

Во очигледното обраќање до Хамас, исламистичката група која ја контролира Газа, шефот на ОН ја осуди употребата на цивили како жив штит, што се смета за воено злосторство.

Гутереш повторно апелираше за хуманитарен прекин на огнот.

„Со цел да се намали ова огромно страдање, да се олесни дистрибуцијата на помошта на побезбеден начин, да се олесни ослободувањето на заложниците, го повторувам мојот апел за итен хуманитарен прекин на огнот“, рече Гутереш пред министрите и дипломатите на десетина земји во седиштето на ОН.

Тој додаде дека „и во овој момент на итна и сериозна опасност“ не треба да се изгуби од вид единствената реална основа за траен мир и стабилност, а тоа е решение со две држави.

Шефот на ОН вели дека е важно да се признае дека нападите на Хамас „не се случиле во вакуум“.

„Палестинскиот народ беше подложен на 56 години задушувачка окупација“, им рече тој на членовите на Советот за безбедност на ОН.

„Тие ја гледаа својатаа земја како постојано е проголтана од населби, зафатена од насилство, нивната економија задушена, нивните луѓе раселени и нивните домови урнати. Нивните надежи за политичко решение на нивната мака исчезнаа“, додаде.

Прочитајте и:  Амал Клуни со важна улога во одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху

Гутереш, сепак, рече дека страдањата на Палестинците не можат да ги оправдаат „ужасните напади“ на Хамас, кои пак не можат да го оправдаат „колективното казнување на палестинскиот народ“.

„Во клучен момент како овој, од витално значење е да се биде јасен за принципите, почнувајќи од основниот принцип на почитување и заштита на цивилите… Но, заштитата на цивилите не значи да се нареди повеќе од милион луѓе да се евакуираат на југ, каде што нема засолниште, нема храна, нема вода, нема лекови и гориво, а потоа да продолжи да го бомбардира самиот југ“, рече Гутереш на состанокот на Советот за безбедност на ОН во Њујорк.

На ова обраќање на Гутереш веднаш пристигнаа остри критики од Израел, па и барање за негова оставка.

„Господине генерален секретар, во каков свет живеете“, праша денеска израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен пред Советот за безбедност на ОН по изјавите на Антонио Гутереш во кои шефот на светската организација го осуди „јасното кршење“ на меѓународното хуманитарно право во Газа.

„Без сомнение, не станува збор за наши (прекршувања)“, додаде израелскиот министер, прикажувајќи слики од нападите на палестинската милитантна група Хамас врз цивили.

Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, го осуди „потресниот говор“ на Антонио Гутереш на мрежата Х, кого го обвини дека покажал „разбирање на тероризмот и убиствата“ од Хамас. Тој побара Гутереш веднаш да поднесе оставка од функцијата.

МИА

- Реклама -