Генерал Петреус: Израелската копнена офанзива брзо може да стане „Могадишу на стероиди“

Воената копнена офанзива на израелските одбранбени сили во Појасот Газа ќе трае со години и ќе има ужасни борби, изјави американскиот генерал Дејвид Петреус, кој служеше како командант на американските сили во Ирак и Авганистан.

Тој за „Политико“ предупреди дека копнената инвазија на Израелските безбедносни сили (ИДФ) многу брзо може да стане „Могадишу на стероиди“. Поранешниот директор на ЦИА алудираше на инцидентот од 1993 година, кога два американски хеликоптера „Блек хоук“ беа соборени во главниот град на Сомалија, предизвикувајќи крвави урбани борби, додека американските сили се обидуваа да ги спасат преживеаните. Во борбите загинаа 18 американски војници. Петреус истакна дека ИДФ ќе се соочи со слична ситуација на непријателска територија ако преземе копнена инвазија.

„Ако Хамас е креативен во одбраната како што беше во тој ужасен, варварски, неискажлив напад, тогаш ќе видите бомбаши самоубијци, ќе видите импровизирани експлозивни направи, ќе има заседи, мини“, посочи генерал Петреус.

Прочитајте и:  МКС издаде налог за апсење на Нетанјаху, Галант и лидерот на Хамас

Според неговото лично искуство, водење војска ангажирана во брутални контра-бунтовнички кампањи треба да послужи како предупредување за ИДФ ако продолжи со копнена инвазија.

„Тешко ми е да замислам потешка средина од конкретната, а јас командував со силите во голем број големи урбани операции. Не можете да победите во контрабунтовничките операции за една или две години. Тие обично траат една деценија или повеќе, како што видовме во Ирак, како што видовме во Авганистан“, наведе генерал Петреус.

Тој додаде дека на Израел му треба план за обновување на основните услуги, обнова на Појасот Газа и поддршка на доброто владеење во регионот, откако ќе биде добиена битката против Хамас.

МИА

- Реклама -