Бајден: Хамас и Путин се различни закани, но заедничко им е тоа што сакаат целосно да ја уништат демократијата

Американскиот претседател Џо Бајден синоќа од Белата куќа, во вонредно обраќање до нацијата, побара од Американците поддршка за воената помош што САД планираат да ја доделат на Израел и Украина.

Честопати, актуелните светски случувања Бајден ги цени како „пресвртна точка“ во историјата, како борба меѓу светските демократии и диктатури. Молбата до Американците за поддршка синоќа тој ја oбразложи како „ова е еден од тие моменти“. Тој рече дека Белата куќа денеска, на 20 октомври, ќе испрати барање до Конгресот за 60 милијарди долари нов пакет помош за Украина и помош за Израел од 10 милијарди.

Кажа дека како резултат на терористичкиот напад на Хамас во Израел биле убиени 1.300 лица, вклучително и 32 Американци, а десетици луѓе биле земени во заложништво.

„Терористичката група Хамас е вистинско зло, зло во најчистиот негов вид“, истакна шефот на Белата куќа, додавајќи дека за време на неговата посета на Тел Авив, лично ја видел цврстата решеност на народот на Израел да се бори за своето право на постоење.

Притоа Бајден истакна дека палестинскиот народ исто така има „право на достоинство и на самоопределување“, и акциите на исламските терористи не треба да им го одземат правото на мирните Палестинци за тоа.

„Не можеме да ги игнорираме невините Палестинци кои сакаат да живеат во мир“, истакна тој, и уште еднаш укажа за неповрзаноста на Израел во неодамнешната експлозија во дворот на болница во Газа.

Потоа тој се осврна на Украина и тоа дека „веќе 20 месеци украинскиот херојски народ води борба против агресијата на Путинова Русија“.

„Хамас и (рускиот претседател Владимир) Путин се различни закани, но имаат нешто заедничко. Тие сакаат целосно да ја уништат демократијата. Хамас си постави за цел да ја уништи државата Израел и еврејскиот народ… Истовремено Путин смета дека Украина никогаш немала право на постоење како суверена држава и го нема тоа право и сега. Буквално пред две недели тој истакна дека ако САД и сојузниците ја прекинат помошта за Украина, тогаш на Украина ѝ останува една недела постоење“, рече Бајден.

Прочитајте и:  Украина: Новата хиперсонична руска ракета развила брзина поголема од 11 маха (речиси 3.8 километри во секунда)

Истакна дека Американците треба да знаат зошто западната помош е важна за украинскиот народ.

„Ние сакаме Израел и Украина да извојуваат побеаа во таа борба. Терористите треба скапо да платат. Ако диктаторите не платат за своите злосторства, тогаш тоа ќе доведе до уште повеќе уништување“, изјави американскиот претседател.

„Благодарејќи на НАТО во Европа 75 години имаше мир. И ако Путин го нападне НАТО ние ќе направиме сѐ за да ги заштитиме нашите сојузници“, вети тој.

Притоа додаде дека „не сакаме американската војска да се бори во Русија или против Русија“.

Американскиот лидер укажа дека ако Запад и посебно САД престанат сега со помошта за Украина, тогаш „сите агресори ќе почуствуваат дека им се одврзуваат рацете“ и конфликтите можат да се рашират низ целиот свет, на пример во тихоокеанскиот регион, и посебно на Блискиот исток.

Американското лидерство ја поддржува безбедноста низ целиот свет, изјави Бајден.

„Ние треба да ја осигураме својата безбедност. Нашите вредности се важни само за нас, не смееме да ги оставаме на ризик. Не смееме да ја оставиме Украина, не смееме да го завртиме грбот нa Израел“.

Бајден, исто така, ги повика сите Американци да се обединат во борбата против антисемитизмот и исламофобијата, што може да претставуваат закана за американското општество и американските вредности денес во позадина на случувањата на Блискиот исток.

МИА

- Реклама -