Мицкоски: Следните избори се референдумско изјаснување во која насока ќе се движи и каква иднина ќе има Македонија, секој еден глас е важен

„Сакам да укажам на важноста на моментот од кој произлезе и самиот наслов на оваа теренска активност, а тоа е ‘Важно е!’. Важно е – од тебе, од вас зависат промените, важно е да се запали црвената сијаличка. Веќе не сме ‘5 до 12’, можеби е 12:30 и сега е вистинскиот момент да сите ние направиме нешто за иднината на нашата татковина Македонија“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на средба со граѓани во Миравци во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените!“

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ преку оваа теренска активност го повикува секој еден граѓанин да не седи дома, да не остане надвор од процесот на промени, туку директно да се вклучи и да влијае на промените.

„Ќе има многумина кои ќе сакаат да ве демотивираат, да ве обесхрабрат, ќе има многумина кои ќе ви велат дека ‘секако ВМРО-ДПМНЕ победува, до мојот ли глас дошло?’. До секој еден глас е дојдено, до секој еден човек е дојдено затоа што следните избори и претседателски и парламентарни се референдумско изјаснување во која насока ќе движи Македонија и каква иднина ќе има Македонија“, рече Мицкоски.

Според него, прашањето е дали сакаме „ваква – предводена од СДС и ДУИ полна со криминал, корупција, политички криминалци кои наместо да гледаат за иднината на својот народ гледаат само за сопствената иднина и џеб“ или иднина која, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ ја ветува со јасен план за развој и економски просперитет.

Од исходот ќе зависи, рече, дали иднината „повторно ќе продолжи да ни биде онаква каква што изминативе години се симболизира преку она монструозно и грозоморно дејство на Клиниката за Онкологија, каде поединци на маката на луѓето печалеле“ или ќе биде иднина со јасен план и визија за модерно вистинско здравство кое ќе одговори на потребите на граѓаните, каква што, рече, нуди ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Ахмети и ДУИ стануваат фактор на нестабилност на дневна основа, но Албанците се свесни што правеа додека беа на власт

Изборот, алудираше Мицкоски, ќе биде и меѓу иднина како денешната кога, како што рече, нашите најмили – децата, и покрај тоа што помина месец и половина од почетокот на учебната година, сè уште немаат добиено учебници за да може наставниот процес да го следат внимателно и стекнат знаење, или иднина во која, како што вети, ВМРО-ДПМНЕ со јасен план, визија и стратегија ќе овозможи вистинско образование.

„Како редовен професор на УКИМ знам која е маката на моите студенти и нема потажно кога 8 до 10 студенти на моето прашање како и каде понатаму, ми даваат одговор некаде надвор, се чувствуваат обесправени“, посочи тој.

Како уште еден горлив проблем во земјата, Мицкоски го посочи криминалот и корупцијата, додавајќи дека на изборите ќе се бира и дали „и во иднина криминалот и корупцијата ќе бидат главен сврзен елемент во владата“ и ќе се прават тендери во четири очи и богатење на грбот на граѓаните, или владата ќе биде транспарентна и отчетна.

„Поминаа речиси две години од последните локални избори и јасно беше дека очекувањата не беа такви, но две години нема сомневање за сторен криминал и корупција на ниту еден човек од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, додека од друга страна во владата кај ДУИ и СДС гледаме на дневна основа. Затоа кога ви велат дека не зависи од вас, дека сè е решено, дека попусто е, да застанете и да се борите до крајната цел, Македонија онаква за каква сонуваме и замислувавме. Не треба да престанеме да се бориме. Ако доволно силно се бориме ќе стигнеме до крајната цел и Македонија ќе биде она за кое секој сонуваше, модерна и европска развиена земја“, порача Мицкоски.

- Реклама -