Османи: Дали ќе има одвојување на Албанија ќе зависи од уставните измени, тоа е прашање за опозицијата

„Ставот на Франција е недвосмислен и за Северна Македонија и за Албанија. Оптимист сум дека ако успеат уставните измени нема да се случи одвојување на двете земји на патот кон ЕУ“, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи, на новинарско прашање.

„Мислам дека не треба да извлечеме некаква порака од изјавата на претседателот Макрон бидејќи тој беше и во билатерална посета на Албанија, и оттука пораките беа за Албанија, а не за регионот. Ставот на Франција мислам дека е недвосмислен во однос на двете држави. Дали ќе има одвојување веќе треба да ги прашате од нашата опозициска партија во овој момент, бидејќи топката е кај нас – уставните измени се моментот којшто ќе одлучува дали ќе има одвојување или продолжување на процесот на преговори заедно со Албанија. Така што, тоа е прашање засега за опозицијата, а за кратко време ќе биде за сите“, рече Османи, прашан за изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон во која даде поддршка за Албанија, неспоменувајќи ја Македонија.

Како што рече Османи, пораките од самитот во Тирана се одговор на нашето барање да се помести парадигмата на пристапниот процес, односно интеграцијата да почне уште од денес и утре.

„И тоа е веќе понудено од страна на ЕУ и мислам дека е тоа голем чекор. Ова е историска пресвртница во самиот тој пристапен процес“, оцени шефот на дипломатијата.

Тој потсети дека токму тој со месеци ја промовира идејата за повеќе интеграција пред членството, односно, како што кажа, поместување на фокусот од полноправното членство кон самиот процес – со пристап до фондовите, членство во форумите и пристап до заедничкиот пазар.

Прочитајте и:  Средба на Сиљановска Давкова со Орбан: Како држава не гледаме алтернатива за интеграцијата и полноправното членство во ЕУ

„Тоа што ми беше важно кога во Тирана ни го реферираа концептот беше кој ќе направи проценка за исполнетоста на реформите, бидејќи доколку е тоа повторно од земјите-членки, може да има влијание од земји-членки во овие прашања коишто ние ги разговараме. И одговорот е дека Комисијата е таа што ќе процени и ќе направи објективна проценка за степенот на исполнување на одредена група на реформи за да се овозможи пристап до тие и тие делови на пазарот, односно до тие средства коишто се комплементарни на тие реформи. И мислам дека тука тоа апсолутно не треба да нè плаши. Ако има некој шампион, како што еве кажавме денеска во случајот на лицата без државјанство и во делот на реформите, е Северна Македонија“, рече Османи, констатирајќи дека земјава е „недвосмислено многу напред во однос на реформите“.

„Така што, најмногу ни одговараше токму нам овој пристап бидејќи граѓаните и државата ќе ги почувствуваат придобивките од овој нов пристап веднаш“, додаде тој прашан за дистрибуцијата на економска помош од ЕУ и како тоа ќе се одрази врз земјава, со оглед дека ЕК има забелешки во реформите, особено во однос на судството.

Лидерите на ЕУ на Самитот во Тирана вчера порачаа да се забрза процесот на членство на земјите од Западен Балкан во Унијата и понудија и економски пакет од 6 милијарди евра во замена за реформи. Меѓудругото, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, порача на лидерите од регионот да не дозволат духовите од минатото да им ја попречат иднината.

Извор: МИА

- Реклама -