Спасовски: Бегалски кампови во државата нема да има додека не станеме членка на ЕУ

Бегалски кампови во државата нема да има додека не станеме членка на Европската унија, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за германскиот дневен весник Neue OZ, одговарајќи на прашањето за можен бегалски камп на ЕУ на македонска територија.

Тој посочува дека во земјава не се спроведуваат процедури за азил за другите земји на ЕУ и тоа нема да се промени.

„Ако Северна Македонија стане дел од Европската Унија, ова може да се промени. Но, сѐ додека тоа не е така, таквите центри ќе останат исклучени“, истакнува Спасовски.

Одговарајќи на прашањето зошто е потребна поддршка од европската агенција ФРОНТЕКС во делот на управувањето со границите, Спасовски посочува дека земјава се наоѓа на многу посебна географска положба.

„Мигрантите патуваат од Грција, ЕУ држава, низ земја која не е членка на ЕУ, а потоа повторно влегуваат во ЕУ. Ова е предизвик за Северна Македонија и за Европската Унија. Затоа, логично е да соработуваме со ЕУ на граница. Патем, ова не е ништо ново за нас. Седум години соработуваме со земјите од ЕУ за управување со границите. Распоредувањето на ФРОНТЕКС е логичен развој на оваа соработка“, рече Спасовски.

МИА

- Реклама -